Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешната прес-конференција, по лидерската средба, истакна дека премиерот Зоран Заев на средбата се препотувал и црвенеел.
Кога се спомнал случајот „Рекет“, Заев почнал да се препотува и да црвенее, кажа Мицкоски. Според него криминалната афера го погодила премиерот, па тој не можел поинаку да реагира.
Заев сакал на секој можен начин да ја задржи контролата врз Обвинителството, се со цел да не одговара тој, неговата фамилија, но и блиските соработници за аферата „Рекет“. Мицкоски кажа дека постојат индиции и за други криминални случаи како „Рекет“.
Премиерот сакал да ја задржи контролата со тоа што обвинителката Вилма Рускоска ќе раководи со Обвинителството, а потоа дури и предложил опозицијата да даде предлог за избор на прв човек на новото Обвинителство, но доколку тоа решение не е прифатливо за власта, истиот да го бира Советот на ЈО, од редовите на сегашните обвинители во СЈО. Таквото решение за Мицкоски не било прифатливо.