Македонија 18. јули 2019. / 14:38

Мицкоски за „Рекет“: Заев е главата на криминалниот октопод

Мицкоски за „Рекет“: Заев е главата на криминалниот октопод

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервју за Експрес.мк, коментирајќи го последниот скандал со рекетирањето, истакна дека главата на криминаниот октопод е премиерот Зоран Заев.

Мицкоски вели дека власта залудно сака да ја индивидуализира одговорноста за криминалот на само неколку луѓе, потенцирајќи дека се работи за организирана група која вклучува луѓе од блиското опкружување на премиерот.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ коментира дека пипците на октоподот се луѓето околу Заев, во дворот на неговата партија, но и ја посочи специјалната обвинителка во заминување Катица Јанева како најверен слуга на премиерот.

– Овие деновиве имаме неуспешна и панична операција на Власта да обезбеди „перење“ на сите учесници во криминалот, и намера целокупната одговорност да се локализира на двајца, до тројца личности. Но ќе им порачам дека тоа е залудно. Практично јасно е дека првообвинетиот не би имал никаква сила тоа да го прави за што се обвинува ако не се неговите блиски релации со компромитираното СЈО, но и со самата врхушка на власта. Не може да се заборави неговата блискост со лица од власта, ниту пак наклонетоста кон власта на медиумот чиј што неформален сопственик е тој. Но главата на тој криминален октопод не се овие обвинети, ниту пак самото СЈО кои се спроведувачи на директиви, туку отворениот сомнеж говори дека тоа е Зоран Заев лично, а пипците на таквиот криминален октопод се луѓето околу Зоран Заев и во дворот на неговата партија. Катица Јанева со дел од нејзините соработници се најверниот слуга на Зоран Заев, практично на телевизијата на сега првообвинетиот самиот Заев кажа дека Јанева и СЈО биле искрата надеж во правосудството, но видовме каква е таа искра на Заев, криминална, насилничка, неправедна, убиствена за правосудството. – вели Мицкоски во интервјуто.

Тој коментира и дека законот не важи подеднакво за сите, бидејќи Јанева, наместо да ја притворат, надлежните само и го одзеле телефонот.

– Како ќе не убеди Зоран Заев дека сите се еднакви пред законот кога прво тој не е еднаков пред законот. Ве убедувам дека нема човек, нема поединец во оваа земја на кого не му е јасна спрегата меѓу компромитараното СЈО и криминалците од власта, без оглед на тоа што власта од петни жили се труди да го стави под тепих овој криминален октопод, или да ја индивидуализира одговорноста кај две до три личности, или пак тоа што еден министер на Заев со броени денови во Владата врти и се заканува по медиуми кои пренесуваат информации за овој скандал. Па ние видовме како премиерот за 5 секунди се впушта во разговори за поткуп на Вартоломеј, или она видео каде бара мито, што мислите дека сега случај со 5 милиони евра поткуп нема да помине низ рацете на таква криминогена власт? Се знае дека се работи за разработена шема. Како е Јанева еднаква пред законот кога таа со вакви скандали зад себе и денес е шеф на СЈО, а само ќе ве потсетам на она прозаична наводна оставка која наводно беше поради тоа што несакала да штети на процесот на реформи, а се гледа дека е до гуша во скандали и која е гаранцијата дека утре нема да влијае на сведоците или да продолжи со политички прогон. Ако СЈО кое требаше да биде извор на правдата, генерира неправда и криминал, тогаш која е гаранцијата дека со вакви методи не се компромитирани и другите предмети за кои постои отворен сомнеж дека преставуваат политички прогон. Зарем треба да му веруваме на зборот на премиерот кој досега стотици, илјаданици пати ја излажа јавноста за се и сешто. Ова компромитирано СЈО е завршена приказна, и знам дека има многумина разочарани кои полагаа надежи, но факт е дека рибата мириса од главата, а со Заев и криминалците од октоподот нема правда. Нема правда, нема ниту мир кој го ветуваа. Таа приказна заврши како уште една срамна измама на политичките елити, која ќе се памети. Затоа јас сум за поставување на систем, за суштински промени кои ќе донесат правда. И не се се сите исти. Јас сум за нова политика која ќе донесе обнова на земјата. – рече Мицкоски и додаде дека Заев е подготвен сите да ги пушти низ вода, само за да се спаси себе си.

Целото интервју на Мицкоски за Експрес прочитајте го ТУКА.