Македонија 02. јули 2019. / 11:17

Груевски: Од македонска страна се наѕира стратегија „Гоце бил Бугарин, но се борел за слободна Македонија“

Груевски: Од македонска страна се наѕира стратегија „Гоце бил Бугарин, но се борел за слободна Македонија“

Поранешниот премиер Никола Груевски на Фејсбук се огласи во врска со актуелното прашање за македонскиот револуционер Гоце Делчев.

Груевски објави неколку цитати од извадоци од историски романи и писма, каде што Гоце Делчев јасно се изјаснува како Македонец.

Според Груевски дебатата за Гоце Делчев е задоцнета, бидејќи таа е политички решена во моментот кога премиерот Зоран Заев го потпиша Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија.

-Дебатата за Гоце Делчев се чини е прилично задоцнета дебата. Исходот од таа дебата е политички решен, тој е познат од тогаш кога Зоран Заев – претседателот на СДСМ, во својство на Премиер, со голема радост, насмевка и гордост, со “две раце” на 1-ви август 2017 година во Владата во Скопје, го потпиша договорот за пријателство со Бугарија чии составен дел е комисијата за историја. Ова во време во кое Бугарија во секој момент може да не блокира на патот кон ЕУ ако македонските историчари не ги прифатат ставовите на бугарските колеги кои се важни за нивните политичари, колку и да имаат аргументи. Одлагање на прифаќањето на она што веќе е јасно дека е однапред политички договорено околу прашањето за историјата е можно само доколку во октомври не добиеме датум за преговори за членство во ЕУ заради неспроведените реформи и високата корупција во земјата. Особено доколку се решат за предвремени избори. Се разбира, СДСМ тоа ќе се обиде да ни го продава како некаков пркос и борба за националните интереси.
А дека таков договор ќе се потпише со таква содржина можеше да се наслути уште кога ВМРО-ДПМНЕ и покрај победата на изборите, во услови кога немаше 61 пратеник за самостојно обезбедување мнозинство, не состави влада во 2017. – стои во постот на поранешниот премиер.

Груевски предвидува дека ова со Делчев е само почеток, дека ќе следуваат уште напади кон важните дејци за македонската кауза.

– Ова сегашно барање на Бугарија поврзано со Делчев е само логична последица на тој договор од август 2017та. И нема да остане само на Делчев. Делчев е само симболот. Ако се реши за најавторитетниот од тоа време и веројатно од целата современа македонска историја, тоа не само што ќе важи за сите негови соборци, туку и за целиот народ во тој период.И тоа соседите воопшто не го кријат. Нивните политичари отворено говорат за ова во нивните изјави деновиве. – пишува Груевски.

Според поранешниот премиер можна стратегија за решавање на оваа „дилема“ е македонската страна да каже дека – Гоце бил Бугарин, но се борел за Македонија.

– Се наѕира една од можните стратегии на македонската страна: „Гоце бил Бугарин, но се борел за слободна Македонија“. – напиша Груевски на Фејсбук.