Премиерот Зоран Заев денеска го посети армискиот полигон Криволак, каде се одржа „Ден на високи гости“ во рамки на вежбата „Одлучен удар“.
Заев истакна дека со оваа воена вежба покажуваме еднаквост во партнерството со нашите сојузници од НАТО.
– Горд сум на сите наши војници, заради тоа што имаат и желба да се усовршуваат и унапредуваат. Знам, дека ќе ги исполниме сите оние наши очекувања, да имаме достоинствена и горда Армија, која што рамо до рамо со нашите сојузници ќе се грижи за мирот во светот и ќе продолжи да го гарантира мирот во светот. Денешното учество на претставници на нашата Армија со претставници на уште пет земји-членки на НАТО навистина ја испраќа пораката дека сме подготвени не само политички, туку и воено преку нашата Армија. Дека храбро чекориме во тој процес и дека конечно нашата земја го достигнува тоа што е стратешка аспирација, полноправното членство во НАТО и политички и технички и армиски, што треба да биде сериозна гаранција за нашите граѓани. За траен мир, за никогаш повеќе да нема војна, за стабилност, сигурност, но и да го гарантира чувството дека навистина и надвор од територијата на Република Северна Македонија го гарантираме мирот и безбедноста на сите граѓани на светот. – додаде премиерот.
На прашање на новинаритеза годишнината од потпишувањето на Договорот од Преспа, и за придобивките од него од денешна перспектива, премиерот Заев рече дека и вежбата „Одлучен удар“ е една од придобивките.
– Една година од Преспа, прво, добивме нов пријател. Не, дека со Грција имавме некои сериозни непријателства, но навистина беше чувството лошо, горко, кога бевме застанати во нашите интегративни процеси. Еве после една година, првите придобивки ги гледаме како импликации на оваа вежба, како наша подготовка за целосно членство во НАТО. Тоа е остварување на една од големите стратешки цели на нашата земја, на целиот овој регион, на Република Северна Македонија која што не пред векови, туку пред 17-18 години имаше конфликти внатре.Сега тоа значи траен мир, стабилност, безбедност и сигурност. Гледате дека паралелно со тоа ги тераме сите процеси во Европската Унија и ние сме пред добивање на датумот, после 15 години за почеток на преговори со Европската унија. – заклучи Заев.