Македонија 03. јуни 2019. / 17:47

Заев ја користи судбината на СЈО – за да добие амнестија за своите криминали!

Заев ја користи судбината на СЈО – за да добие амнестија за своите криминали!

Премиерот Зоран Заев грчевито се бори за опстојување на премиерската позиција, но и за амнестија за криминалите сторени за време на неговото владеење.

Пропаднатиот референдум за промената на името на државата, пировата победа на СДСМ на претседателските избори, но и неспроведливоста на реформите и слабите економски резултати се јасни индикатори за пад на оваа Влада предводена од премиерот Зоран Заев.

Заев, кој со скромна насмевка се обидува пред објективите да го сокрие целиот притисок и да прикаже дека сепак „ќе не биде”, е свесен дека наскоро ќе треба да „си ги пакува куферите” и да ја напушти Илинденска, бидејќи поддршка кај граѓаните, посебно кај Македонците, веќе нема.

Незадоволен од изборниот резултата, Заев направи чистка во партијата се со цел да воведе партиска дисциплина, но и да прикаже пред јавноста дека „оние што не работат не остануваат на функција”. Можеби ја среди партијата, но не и извршната власт. Неговото влијание во Владата се сведе на она што ќе се договори со неговиот коалиционен партнер ДУИ. Од друга страна тој се соочува со огромен притисок од јавноста, баш поради тоа што го излажа народот дека датум за преговори веќе сме добиле. Граѓаните не ги забораваат и неговите предизборни ветувања. „За живот во Македонија” е фразата која не ја вадеше од уста и очигледно не беше толку силна, бидејќи брзо ја замени со „Северна”, име за кое никој Македонец нема да се чукне во гради со гордост. Но не е само тоа. Криминалните скандали се случуваат толку често, а органите на прогонот наместо да реагираат за злоупотребата на народните пари, се чудат како ние новинарите ги фаќаме.

Ваквата ситуација го доведува Заев да побара излез, или со помош на претседателот Стево Пендаровски или со помош на СЈО.

Пендаровски по преземањето на функцијата побара помирување на сите политички чинители во државата. И тоа е одлично, но звучи утопистички кога на власт се трговци, а не државници. Постојат индиции дека Заев сака да се договори со ВМРО-ДПМНЕ за негова амнестија, како и за амнестија на неговото семејство и останатите за криминалите што ги имаат направено.

Дали Пендаровски ќе го помилува или Собранието ќе го амнестира, формата сеуште не се знае. А можеби и СЈО ќе го ослободи.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски во интервју за Радио слободна Европа истакна дека помирување нема да има, ако тоа значи амнестија за Заев.

– Помирувањето го замислуваат на начин што сакаат да испреговараат со ВМРО-ДПМНЕ амнестија за Зоран Заев, неговото семејство и останатите во однос на гонење по криминалите што ги имаат правено во изминатиот период. Ако така го замислуваат помирувањето, помирување нема да има. – рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.

Што се однесува до СЈО, власта и опозицијата сеуште не најдоа компромис. Дали Заев планира да ја одржи Катица Јанева на челната позиција на СЈО само за да добие ослободување, е прашање кое што останува отворено.

Од околината на Заев брифираат дека премиерот е спремен да го жртвува или да го издигне СЈО само за да се испазари и да добие аменстија.

Инаку веќе подолг период власта се обидува да наметне дека ВМРО-ДПМНЕ се тие кои што бараат амнестии, но се поочигледно станува дека овие тези ги пуштаат во јавност медиуми и експерти блиски Заев, се со цел да го сокријат неговиот страв.

Изминатиот период беа откриени низа на криминални скандали поврзани со власта и со лица блиски до нив, па логично е баш тие да бараат амнестија.