По вчерашното јасно вето на Советот за општи работи, кога Бугарија преку министерката за надворешни работи јасно стави до знаење дека нема да се согласи за почнување на преговорите за членство на Македонија во ЕУ, денеска бугарскиот премиер Бојко Борисов порача дека Бугарија отсекогаш беше една од земјите кои најмногу инсистираа на европската интеграција на Република Македонија и на другите држави од Западен Балкан, објави бугарскиот премиер Бојко Борисов на Фејсбук.
– Бугарија силно ја поддржа Република с. Македонија за влез во НАТО. Отсекогаш сме биле исклучително добронамерни и јасно кажавме до каде може да одат нашите компромиси. Формиравме и заедничка историска комисја, во која експертите требаше да ги решаваат спорните прашања само со аргументи. Со вицепремиерите Захариева и Каракачанов одржавме десетици средби во потрага по решенија. Дадовме се од себе да не бидеме државата која ќе каже „не“ на стартот на преговорите со Република с. Македонија, наведува Борисов во објавата.
Сепак, според него, властите во земјава мислеле дека со притисок и лобирање, ќе може да се промени бугарската позиција.
– Нашата позиција не од инает, туку е принципиелна и ги отсликува очекувањата на сите Бугари. Се разбира, подготвени сме да ги продолжиме разговорите, продолжуваме да го почитуваме Договорот за добрососедство. Сепак, очекуваме да ја видиме истата посветеност и од другата страна, додава Борисов во објавата.