Станува збор за голем пропуст кој не требаше да се случи. Законот за спречување на корупцијата е јасен и се чекаше само денот која Комисијата ќе реагира, изјави за Фактор Слаѓана Тасева, поранешна претседателка на Антикорупциската комисија.
Пред да каже дека ќе се повлече, таа сугерираше Зоран Заев веднаш да избере која функција ќе ја врши оти законски во Македонија тие се неспоиви. На прашањето како во Владата се случило никој да не реагира уште пред да биде даден предлогот вели дека тоа е неразбирливо.
– Законот е јасен, тие две функции законски се неспоиви. Сега треба да каже која функција ќе ја врши. Нема пречка да си остане премиер, но за предлогот да биде министер за финансии треба воопшто да нема изјаснување во парламентот. Како се дозволило воопшто да има предлог е добро прашање и сметам дека е голем пропуст. – вели Тасева.
Премиерот Зоран Заев денеска се обрати во Собранието и рече дека ќе ја послуша Државната комисија за спречување на корупција и опозицијата и ќе се отвори дебата за да се расчисти дилемата дали како шеф на Владата може наедно да биде и министер за финансии.
– Уставот дозволува премиерот да биде министер, како и Законот за Влада. Но тоа што го истакнува опозицијата и Антикорупциска треба да предизвика дебата. Му дадов налог на Собранието да овозможи предлог за мое повлекување привремено. Бидејќи дилемата е отворена, потребна е дебата. Треба да ја послушаме опозицијата. Формализацијата на оваа работа ја тргаме од дневен ред и согласно овластувањата ќе раководам со министерството до избор на нов министер за финансии. – рече Заев од говорницата.
Според предложените измени, Заев требаше да биде назначен за министер за финансии на местото на Драган Тевдовски, кој денеска беше разрешен во законодавниот дом, но претпладнето ДКСК соопшти дека можеби постои судир на интереси кај премиерот доколку ги врши и двете функции.
Зоран Заев не смее да потпишува документи од министерството за финансии. Тој е единствениот премиер, со оној на Белизе, кој сака да биде и министер за финансии, рече пратеникот Антонио Милошоски на денешната собраниска седница на која треба да бидат изгласани новите министри во Владата.
Премиерот Заев, кој претходно рече дека предлогот тој да биде и министер за финансии се повлекува на барање на Комисијата за спречување на корупција, реплицираше дека поимот „Белизе“ е многу близок за ВМРО-ДПМНЕ.
– Премиерот може да влијае на политиките на сите министри. Моите политики после две години и овие економски перформанси како 26 отсто пораст на персоналниот данок треба да се менаџираат. Веројатно ви е страв дека добро ќе менаџирам. – гласеше одговророт на Заев.