Струмичката фирма за транспорт „Тритерол“ која е во сопственост на блискиот соработник на премиерот Зоран Заев, Лефтер Андонов добила дозвола да врши превоз на лица до Сојузна Република Германија.
Оваа фирма од почетокот на месец јули 2019 година врши превоз до неколку германски градови издавајќи повратни билети, но и билети само во еден правец.
Граѓани од Струмица коментираат дека речиси секој автобус од Струмица кон Германија е полн со патници, од кои повеќето земаат карта во еден правец.
– Бидејќи овде нема живот, животот кој го ветуваа ни го овозможија со превоз за Германија, па барем на заминување да оставиме уште некој денар на „Тритерол“. – иронично коментираат струмичани.
Сопственикот на превозната компанија „Тритерол“ Струмица, Лефтер Андонов важи за човек од доверба на Заев, велат струмичани. И во време кога премиерот бил градоначалник на општина Струмица, фирмата „Тритерол“, но и други фирми на Лефтер Андонов биле посочувани како дел од мрежата струмички фирми кои најчесто добивале локални тендери и јавни набавки.
Андонов истовремено е и висок партиски функционер на СДСМ на локално, но и на регионално ниво. Во време кога СДСМ беа опозиција тој ја вршеше функцијата регионален координатор на југо-источниот регион во партијата. Откако Заев стана премиер тој доби функција советник за транспортна политика во кабинетот на премиерот на Република Македонија, каде беше задолжен за застапување и координација со бизнис-заедницата, како и за подобрување на состојбите во транспортниот сектор во државата. Од таа позиција во февруари 2018 година премина на функцијата управител на Стопанската интересна заедница за патен транспорт СИЗ Македонија сообраќај – АМЕРИТ.
Токму логото на „Македонија сообраќај“ стои на рекламниот материјал со кој „Тритерол“ ја промовира линијата која што струмичани, но и многу други граѓани во Македонија ја користат за отселување од своите родни огништа и барање подобра иднина во Германија.
За потсетување, пред неколку денови, 12 полни автобуси заминаа од Делчево за странство.