Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, денеска во Гевгелија се сретна со стопанственици од југоисточниот регион на Македонија и од Грција и Бугарија, со кои разговараше за економските придобивки од членството на Македонија во ЕУ и НАТО и од воспоставеното пријателство со Република Грција преку постигнувањето на договорот во Преспа.
Премиерот Заев, кој беше придружуван од амбасадорот на Република Грција Димитрис Јанакакис, заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули градоначалникот на Гевгелија Сашо Поцков, и други градоначалници од регионот, со претприемачите разговараше за подобрувањето на односите и за градење пријателски релации со Република Грција, и со другите соседи на нашата земја.
„Овој регион е многу важен бидејќи партиципира сериозно во вкупниот БДП, трговксата размена, извозот, увозот којшто Македонија го има. Потенцијалот којшто го отвораме после успешниот референдум е уште поголем. Грција е втор најголем трговски партнер на Македонија, после Германија. Мене ми е многу драго што уште во најава на имплементацијата на Договорот веќе бројките покажуваат сериозно следење од страна на бизнис заедницата на трендот на раст на тоа пријателство и партнерство.
Голем дел од фирми од Македонија и Грција се партнери, со мешовит капитал, пријателството отвора сериозни перспективи. Во првите седум месеци од 2018 година, во споредба со јануари-јули 2017 година, вкупната трговија пораснала за 16,5 проценти, изразена во евра или 27,9 проценти изразена во долари. Ако била 419 милиони евра трговијата меѓу Македонија и Грција, во првиот квартал или првите седум месеци од 2018 година таа пораснала на 489 милиони евра, а договорот е во фаза на имплементација, по што следи референдум“, рече премиерот Заев кој посебно истакна дека Република Грција е втора по ред земја со која Македонија им најголема трговска размена по обем, веднаш по Германија, што покажува дека се подобрува економската соработка и се очекува во иднина уште поголемо интензивирање на ваквите позитивни трендови.“ рече премиерот Заев.