Откако Владата го соопшти својот став дека гасоводот, сепак ќе минува низ Водно, но ќе се намали трасата, граѓанската иницијатива „Не низ Водно“ масовно удри по оваа одлука.
Голем број на млади лица, еколози, планинари, активисти се противаат на уништувањето на Водно.
-Да спречиме уште еден масакaр и тоа најтежок до сега, после сите кули, патишта, градови на Водно. Во име на „подобра иднина за сите”, е мотото на оваа иницијатива, која преку својата Фејсбук страна информираат за активностите.
Активистите потсетија на сите ветувањата на политичарите кои не ги исполнија.
-И граѓанските активисти, лидери на граѓански организации, може да ни држат лекции во многу области на нас политичарите, можеме да учиме многу од нив, само треба подготвеност во политиката и политичките партии да ги отвориме вратите, а тоа не може да биде на штета на политичарите, велеше премиерот Зоран Заев.
-Водно ќе го вратиме на скопјани, Водно ќе биде повторно белите дробови на нашиот град, ветуваше скопскиот градоначалник Петре Шилегов во кампањата пред локалните избори.
-Трасата не е скратена за 4 километри, туку е изменета во потег од 4,3 километри, односно ќе се исече шума со површина колку цел булевар Партизански одреди, од Центар до Влае, вели активист од оваа иницијатива.
Тие од вчера ја започнаа одбраната на Водно со жив ѕид против багерите.