Регион 13. ноември 2020. / 11:08

Додека Берлин е во потрага по компромис меѓу Скопје и Софија, Бугарија купува воени бродови од Германија за 500 милиони евра

Додека Берлин е во потрага по компромис меѓу Скопје и Софија, Бугарија купува воени бродови од Германија за 500 милиони евра

Сред наоѓање решение за македонско-бугарскиот спор, под покровителство на Берлин, нашиот источен сосед купува оружје од Германија.

Бугарското Министерство за одбрана во четвртокот објави дека потпиша договор со германски „Лурсен Верфт“ од 503 милиони евра за набавка на два мултифункционални модуларни патролни брода за потребите на морнарицата, пишуваат бугарските медиуми.

Двата пловни објекти ќе бидат изградени во Бугарија, во бродоградилиштето МТГ Делфин со седиште во Варна, се вели во соопштението на Министерството за одбрана.

Набавката на двата брода, кои Бугарија очекува да бидат испорачани во 2025 годинa, се случува во време кога највисоки германски претставници се во дипломатска офанзива во интерес на надминување на македонско-бугарските недоразбирања.

Во период кога сѐ поевидентно се затегнуваат релациите меѓу Македонија и Бугарија, логично се поставува прашањето колку ваквата зделка за набавка на оружје од Германија, која ја презема обврската за наоѓање решение, би можело да ја моделира политиката во надминувањето на овој „ненајавен проблем“.

Секоја набавка на оружје е и политичка одлука. И продавачот на оружјето сака со сопственото оружје да продаде и дел од своето политичко влијание и обратно – земјата купувач да добие наклонетост.

Дали Бугарија со ова ја добива наклонетоста од претседавачот на ЕУ, Германија во нивниот Бугарскиот забревтан политички ангажман за блокирање на македонските евроинтеграции останува да се види во периодот кој следи.

Ставот на Европската унија е јасен. Проширувањето ќе оди многу тешко ако Македонија и Бугарија не го решат билатералниот проблем. Ова го повтори и германскиот министер за надворешни работи, Хајко Мас, кој кажа дека ЕУ мора да ги штити интересите на 27-те членки, а Бугарија е една од нив и затоа интересите на Бугарија мора да бидат почитувани.