Повеќе од 10 илјади мигранти се обидуваат од Турција да влезат во Грција на патот кон Европа. Ситуацијата на границата станува се по напната, а синоќа повторно се случија нереди. Уапсени се 280 лица во последните 12 часа, соопшти грчката полиција.
Се слушаат детонации од шок бомби и солзавец од двете страни. Мигрантите се обидуваат да преминат од Турција во Грција со што често се случуваат инциденти, јавуваат репортерите од терен.
Судирот трае помеѓу грчката полиција и мигрантите, но во исто време трае и судир на информации од турска и грчка страна. Новинарите добиваат видео-снимки од грчката полиција на кои наводно се гледа како турски граничари им помагаат на мигрантите да ја преминат границата.
Од друга страна, Турците покажуваат снимки за кои тврдат дека на нив се гледаат претепани мигранти во обид да ја преминат реката Марица.
Претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган утре ќе отпатува за Брисел каде со официјални лица од Европската унија би требало да ги договори следните чекори околу мигрантската ситуација и проблемите на грчко-турската граница.
Ердоган претходно изјави дека нема да ги запира мигрантите на нивниот пат кон Европа.