Претседателот на бугарската Влада, Бојко Борисов на денешната средба со премиерот Зоран Заев, одржана на маргините од Самитот на земјите од Западен Балкан што се одржува во полскиот град Познањ во рамки на Берлинскиот процес, истакна дека Договорот за пријателство меѓу Бугарија и Северна Македонија е пример за градење на добрососедските односи во регионот.
– Државите од Западен Балкан треба да вложат максимални напори за развој на односите со своите соседи од ЕУ. Несомнено еден од најдобрите примери за тоа е договорот меѓу Софија и Скопје што ја отвори можноста за отворање на преговорите со Северна Македонија за членство во Унијата – изјави Борисов.
Двајцата премиери разговарале за билатералните односи и за предизвиците со кои се соочуваат двете земји. Заев и Борисов се согласиле дека Договорот за пријателство и добрососедство дале голем поттик за развивање на партнерството меѓу двете земји, пренесува БГНЕС.
– Отворивме перспектива за граѓаните на Република Северна Македонија и создадовме предуслови за потпишување на Договорот од Преспа – додаде бугарскиот премиер.
Борисов се осврна и на работата на Мешовитата комисија за историски прашања. Посочи дека бугарската страна уште од 1992 година настојува „за објективно претставување на историските факти”.
– Задоволни сме што постепено, а се надеваме и трајно, вистината за заедничката историја вклучително и за Гоце Делчев почнува да се кажува јавно од политичари на највисоко ниво во Република Северна Македонија, како на пример претседателот Стево Пендаровски – истакна Борисов.
За време на средбата, двајцата премиери се согласија дека тоа е доказ за ефикасното исполнување на преземените ангажмани од страна на владите преку Протоколот од 10 јуни, потпишан за време на првиот состанок на Меѓувладината комисија.
Премиерот Зоран Заев изјави дека без лидерството на Борисов не би бил можен Договорот за добрососедство. Тој го покани Борисов заедно да ја одбележат втората годишнина од неговото потпишување на 1 август и заедно да се поклонат пред споменикот на Гоце Делчев.
– Уште еднаш примете ги моите чувства на пријателство и признание кон нас и кон Бугарија – кажа Заев.