Пратеникот од СДСМ, Мухамед Зекири упати критики кон ДУИ, откако најголемата албанска политичка партија се пофали дека даде придонес за промената на името и официјализирањето на албанскиот јазик со закон.
Според Зекири, ДУИ додека беше на власт со претходната гарнитура, не можеле да го променат името и не можеле албанскиот јазик да го официјализираат, бидејќи тие две работи ВМРО-ДПМНЕ не го дозволувала.
-Речиси една декада на власт со ВМРО ДПМНЕ глас не им се слушна. Денеска со толкава помпезност и пофалби сакаат да се китат со туѓи перја.
Заслугите за отворање на вратите на Македонија за членство во НАТО и ЕУ, како и за официјализирањето на албанскиот јазик, им припаѓаат на граѓаните кои го прифатија концептот ,,Македонија едно општество” за сите!!! Без еуфорија, Ве молам. Граѓаните најдобро знаат кој работи за нивно добро – напиша Зекери откако функционерите на ДУИ објавија дека Законот за употреба на албанскиот јазик е објавен во Службен весник.