Премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција кажа дека Владата ги утврди нацрт-амандманите за промена на Уставот, согласно Договорот од Преспа и согласно заклучоците на македонското Собрание, од седницата за пристапување кон уставни измени.
Според Заев четирите амандмани, произлезени од Договорот од Преспа, биле многу едноставни и не задираат во македонскиот идентитет.
Првиот амандман, како што соопшти премиерот, се однесува на замената на зборот Република Македонија со Република Северна Македонија секаде во Уставот освен во членот 36 каде има историски аспект.
Вториот се однесува на Преамбулата на Уставот, каде, како што рече Заев, одлуките на АСНОМ се заменуваат со прогласот од Првото заседание на АСНОМ и се додава Охридскиот рамковен договор за да биде конститутивен елемент на државата. Тоа, наваде премиерот, дел од конституцијата од Уставот на РМ само сега се додаваат формулации и тоа е фер кон сите помалкубројни заедници
Во третиот амандман се додава само еден став, а тоа е Републиката го почитува суверенитетот, територијалниот интегриет и политичката независност на соседните држави, што дава посилни гаранции за трајност и неповредливост на границите со Грција, иако се однесува за сите соседи.
Во четрвтиот амандман, појасни премиерот, покрај потврдување на македонскиот идентитет стои дека Републиката ги штити правата и интересите на своите државјани кои живеат или престојуваат во странство, и ги унапредува нивните врски со татковината.
Заев кажа дека се прифатени амандманите на новата пратеничка група кои се однесуваат на заштитата на историското наследство на македонскиот народ, гарантирање на македонскиот јазик и стапувањето на сила на измените, односно тие ќе стапат во сила откако грчкиот парламент ќе ја ратификува спогодбата и протоколот за членство во НАТО.