Македонија 12. јуни 2020. / 11:51

Заев повторно не ферма Устав – Пендаровски може сам да прогласи вонредна состојба

Заев повторно не ферма Устав – Пендаровски може сам да прогласи вонредна состојба

Претседателот Пендаровски, ако нема предлог за вонредна состојба, што ќе прави? Тој не може сам да си предложи и да си одлучи за вонредна состојба. А тој што ја предлага вонредната треба силно и аргументирано да ја правда. Мора да има предлог од Владата за да има вонредна состојба. Мораме да бидеме сериозни. Бројките денеска нè болат сите, на сите ни е тешко, и на власт, и на опозиција. Но тие може да бидат исти и на 15-ти јули и на 15-ти август и на 15-ти септември. Да ја оставиме државата без парламент? Во септември треба да имаме меѓувладина конференција, да почнеме да ги договараме поглавјата со ЕУ.

Ова, меѓу другото, го изјави лидерот на владејачкиот СДСМ, Зоран Заев, во гостувањето на ТВ 21.

Ваквиот негов став значи дека тој повторно не го почитува и е во директна спротивност со Уставот. И што е пострашно, претставува чист обид за манипулација и доведување во заблуда на јавноста во неговата желба за што поскоро спроведување на парламентарните избори.

Членот 125 од Уставот гласи

Вонредна состојба настанува кога ќе настанат големи природни непогоди или епидемии. Постоењето на вонредна состојба на територијата на Република Македонија или нејзин дел го утврдува Собранието по предлог на претседателот на Републиката, Владата или најмалку 30 пратеници.

Одлуката со која се утврдува постоењето на вонредна состојба се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и има важност најмногу 30 дена. Ако Собранието не може да се состане, одлука за постоење вонредна состојба донесува претседателот на Републиката и му ја поднесува на Собранието на потврдување штом тоа ќе е во можност да се состане.

Значи, Уставот е јасен и овозможува претседателот на Републиката да донесе одлука за вонредна состојба, а лидерот на СДСМ се впушта во отворена манипулација со јавноста.