Македонија 10. октомври 2019. / 14:33

Вучиќ-Заев-Рама: Балканот веќе не е буре барут, во трите земји ќе се патува само со лична карта

Вучиќ-Заев-Рама: Балканот веќе не е буре барут, во трите земји ќе се патува само со лична карта

Во Нови Сад денеска се одржа трилатерален состанок меѓу Македонија, Србија и Албанија. Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека после состанокот со премиерите на Северна Македонија и Албанија, се разговарало во корист на граѓаните на сите три земји, и дека целта на тројцата државници била да до крајот на 2021 година граѓаните на овие три земји да патуваат само со лична карта, пренесува српски Телеграф.

Документот кој ќе го видите е заснован на слободата на протокот на капитал, стока, услиги и луѓе, бидејќи луѓето во нашите земји заслужуваат подобар живот и помала невработеност – изјави Вучиќ на заедничката прес-конференција со премиерите Зоран Заев и Еди Рама.

Тој исто така, истакна дека овој договор освен на граѓаните, подобрување ќе донесе и на економијата, односно стопанството на овие земји.

Како што посочи Вучиќ, со реформите, овие земји дошле до извесен стадиум, а сега на нов начин, низ поуспешно регулирање на односите, заеднички ќе делуваат кон подигнување на стопанството.

Целта е да до крајот на 2021 година создадеме услови, да со лична карта ги поминете сите наши граници – посочи Вучиќ, додавајќи дека со Албанија се уште ја немаат можноста за патување со лична карта.

Македонскиот премиер Зоран Заев порача дека заедно со Србија и Албанија се покренува иницијатива за посилно регионално поврзување и испрати порака дека политичките односи во регионот стануваат поедноставни, дека Балканот не е веќе буре барут, туку регион на мирот, стабилноста и економскиот развој.

Заев искажа увереност дека со помош на оваа иницијатива регионот ќе биде повеќе почитуван, ќе биде поконкурентен во светот и попривлечен за граѓаните од Балканот да останат да живеат во регионот, но и за странските инвеститори.

Имаме доста потенцијали кои можеме да ги искористиме, а така ќе стекнеме и повеќе почитување и од ЕУ – рече Заев.

Тој на заедничката конференција за новинарите со заедно со Александар Вучиќ и Еди Рама во Нови Сад, ги повика и другите балкански земји да се приклучат на иницијативата, бидејќи како што вели Заев, Балканот е инспирација за унапредување на соработката.

Следниот состанок веќе го дефиниравме, ќе биде во Охрид, на 10. ноември, каде што ќе ги продолжиме конкретните чекори и имаме намера да соопштиме први успеси од ваквата иницијатива и да потпишеме одредени спогодби и договори – рече премиерот Заев.

Албанскиот премиер Еди Рама денес после трилатералниот состанок со Вучиќ и Заев порача дека на регионот очајнички му е потребно да оди напред и дека иницијативата наречена ,,мал Шенген” отворена за сите од Западен Балкан.

Ова не е состанок кој се случи изненадно и сакам да ви појаснам дека тој нема за цел никакви ексклузивности, напротив, тоа е чекор кој е превземан да се обезбеди општ инклузивен процес и во декларацијата можете да прочитате дека ние говориме за шесторката од Западен Балкан во текот на целиот текст – истакна Рама.

Рама рече дека отворените прашања кои постојат во самото срце на регионот не би требало да ги спречат страните да се ,,согласат дека не се согласуваат околу некои прашања”, како и да се договорат околу она што се однесува на сите граѓани.

Рама на конференцијата после состанокот се заблагодари на претседателот на Србија, Александар Вучиќ и на македонскиот премиер Зоран Заев за состанокот, за кој рече дека е драгоцен и дека ќе има значаен исход.