ВМРО-ДПМНЕ со писмена реакција се спротиставува на тезата на премиерот Заев кој во интервју за МИА изјави дека со влезот во НАТО, Македонија го обезбедила својот имотен лист.
– Имотниот лист на државата е АСНОМ и референдумот од 1991 година, а Заев е шредерот кој го кине парче по парче имотниот лист. Со Заев иднина е невозможна, исто како и ЕУ, се вели во писмената реакција на ВМРО-ДПМНЕ.
Според оваа партија, се што направил Заев е уништување, на она што со векови и децении било градено. Обвинуваат дека Заев успеал за 4 години да ја урниса државата. Нема владеење на правото, има криминал и корупција. Нема квалитетно образование, имаме студентски кои прокиснуваат. Нема бесплатно здравство, имаме пациенти кои примаат терапија во иста просторија со починати лица.
-Заев да имаше малку лице ќе си поднесеше оставка уште кога добивме вето за отпочнување на преговорите со ЕУ. Со ветото за ЕУ пропаднаа сите ветувања на Заев, тој тврдеше дека се решени сите прашања со соседите, а сега гледаме нови ултиматуми, но и дека ќе влеземе во ЕУ, а сега гледаме дека сме подалеку од ЕУ од кога било. Со Заев ЕУ е невозможна мисија. Со Заев нема иднина, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Додаваат дека во ЕУ не се оди со скапи мотори, додека народот нема леб да јаде, додека секој 4 Македонец е на раб на сиромаштија, додека државата има долг од над 60% од БДП, додека имаме неодговорност за криминал и корупција, во случаи каде постои сомнение за вмешаност на врвот на власта.