Македонија 07. ноември 2020. / 10:03

ВМРО-ДПМНЕ: Оставка на Филипче, во здравството се случува тотален распад на системот

ВМРО-ДПМНЕ: Оставка на Филипче, во здравството се случува тотален распад на системот

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ утрово обвинува дека во здравството се случува тотален распад на системот.

Виновен за ова е, како што велат, апсолутно најнеспособниот министер за здравство, Венко Филипче и катастрофалното менаџирање на кризата од страна на власта.

Според партијата, дури Заев, власта и Филипче бараат алиби и виновници во други, Македонија бележи нови црни биланси. Заразени се нови 1.128 лица, а починати нови 12 луѓе од корона вирусот.

-Тоа се нови 12 зацрнети семејства поради неспособноста на власта и Филипче. Оставка од Филипче е она кое најмалку може да го направи, затоа што дозволи луѓе да умираат чекајќи брза помош со часови, затоа што болни добиваат инфузија во супстандардни услови во дворови на болници, затоа што со денови луѓето чекаат термини за тестови и резултати, затоа што здравствените власти имаат крајно некоректен однос кон персоналот, затоа што сме црни рекордери во регионот и пошироко по број на заразени и починати. 1.096 лица досега починаа од корона вирусот, а многу од нив можеби ќе се спасеа ако кризата се менаџираше подобро или од страна на некој друг наместо Филипче, пишува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ и повторно го повикуваат да поднесе оставка.