Македонија 29. декември 2020. / 11:30

ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека СДСМ прави списоци за вработување во МВР

ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека СДСМ прави списоци за вработување во МВР

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека владејачката СДСМ прави списоци за вработувања откако денеска МВР објави оглас за вработување на нови 600 полицајци.

Од партијата реагираат дека власта вработува партиски војници додека Македонија е во рецесија, а граѓаните гладуваат.

-Додека падот на економијата е еден од најголемите во Европа, кога 50 илјади лица останаа без работа, а половина милион граѓани живеат само со 130 денари на ден, власта си ги наградува партиските војници со работни места во државна администрација, реагираат преку соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата потсетуваат дека ветувањето за помала администрација во предизборна кампања кое што го даваше Зоран Заев бргу го заборави власта и по изборите, како што велат, се вовел принципот вработи го секој лепач на плакати на грбот на народот.

Според информации на партијата веќе по општинските организации на СДСМ се прават списоците кои да се вработат во МВР.

-Доказ дека СДСМ ја полни државната администрација со партиски војници е огласот на МВР. Според информации на ВМРО-ДПМНЕ веќе по општинските организации на СДСМ се прават списоците кои да се вработат во МВР. Тоа е така зошто Спасовски си прави партиска полиција, а тоа е уште еден доказ за партизацијата на полициските структури. Кога Спасовски вели ќе вработиме 600 полицајци тоа се 600 партиски војници на грбот на народот, реагираат од опозицијата.