Македонија 02. март 2021. / 12:57

ВМРО-ДПМНЕ ја повика Владата да го осуди однесувањето на Радев

ВМРО-ДПМНЕ ја повика Владата да го осуди однесувањето на Радев

Зоран Заев и СДСМ ја доведоа Македонија во подредена и понижувачка состојба со Бугарија, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение.

„Заканите за интервенции на бугарски разузнавачки служби на територија на Македонија од страна на Румен Радев се директна вина и одат на контото на Зоран Заев, кој ја понижи државата, и ја клекна на колена. Македонија трпи закани заради Заев, кој се откажа од македонското малцинство во Бугарија, и ги фрли во бунар чувствата на илјадници македонци, а е жртва на измислени сценарија и режии со наводни проблеми со бугари во Македонија. Зоран Заев не е во способност да го спроведува Уставот и да го заштити територијалниот интегритет и суверенитет на Македонија. Владеењето на Заев сериозно го поткопува принципот на суверенитет гарантиран со меѓународното право“, велат од партијата.

Оттаму сметаат дека Владата треба најитно да го осуди однесувањето на Радев, Захариева и другите бугарски политичари кои се закануваат врз интегритетот на државата.

„Владата треба веднаш да ги извести сите меѓународните претставници во Македонија, ЕУ и НАТО за однесувањето на Радев, во спротивно Заев ќе биде директно виновен за поткопувањето на суверенитетот на државата и ќе сноси одговорност во иднина. Доколку Зоран Заев не реагира адекватно тој станува соучесник во дестабилизација на државата.Зоран Заев мора да знае дека за ваквото однесување и непостапување следува одговорност прво на избори, а подоцна и пред државата“, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.