Јуни како термин за одржување предвремени парламентарни избори е надвор од сите комбинации меѓу најголемите политички партии, а копјата се кршат околу изборниот модел, односно Изборниот законик. Колку изборни единици, какви листи, кој да ја води Државната изборна комисија…се дел од прашањата за кои разговараат СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, објави МКД.мк.
Од опозициската партија велат дека работните групи на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ редовно се состануваат сѐ со цел да се применат препораките на ОБСЕ/ОДИХР за промени во Изборниот законик. Според партиски извори, се работи за препораки главно од технички карактер, систематизирани во 20 промени. Освен тоа се разговара и за професионализацијата на Државната изборна комисија на чие чело треба да биде генерален секретар, предложен од опозицијата.
Во ДУИ, пак, се чини дека се изненадени од средбите на овие работни групи и коментираат дека за Изборниот законик не може да разговараат само ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, туку неопходен е друг формат, односно најмалку партиска четворка, ако не и повеќе партии.
Што се однесува до ставовите за изборниот модел, од ВМРО-ДПМНЕ брифираат дека тие, СДСМ и ДУИ имаат сосема спротивставени гледишта.
– ДУИ е за три изборни единици, а не 6 како што е сега. Против овој предлог се и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. ВМРО-ДПМНЕ е за мнозински модел за избор на 120 пратеници, во 120 изборни единици со еден круг, слично како во Велика Британија и во САД. СДСМ е за една изборна единица со отворени листи. – велат нашите соговорници од ВМРО-ДПМНЕ.
Ставот на СДСМ е дека „треба да се отвори прашањето за изборните единици, но за нив е прифатливо да има една изборна единица со преференцијални листи“, иако не ја исклучуваат можноста изборните единици да се намалат од шест на три.
Партиите се далеку од согласност и за евентуални предвремени избори и нивните ставови остануваат непроменети. ВМРО-ДПМНЕ е за предвремени парламентарни избори во април или во мај в година, што ќе значи оставка на премиерот Зоран Заев до Нова година и формирање на т.н. пржинска влада.
Во СДСМ, како што велат оттаму, принципиелниот став е да нема предвремени избори, како што повеќе пати изјави и Заев, но ако веќе се договорат, тогаш изборите, според партиски извори, треба да се одржат во октомври.
Октомври како можен термин за евентуални предвремени избори, ако воопшто ги има, го споменуваат и во ДУИ, а варијантата за предвремени избори во јуни в година е речиси неверојатна, бидејќи „не сме спремни за тој термин“.
Според партиите од владејачката коалиција, во меѓувреме треба многу работи да се завршат, донесување на Законот за Јавното обвинителство, вклучувајќи го и СЈО, да се организира пописот, да се донесе Изборниот законик…
Прашањето за предвремени парламентарни избори, според ВМРО-ДПМНЕ, би требало да се реши на лидерска средба, на која, како што велат, прва точка од дневниот ред би било токму предвремените парламентарни избори. Од ВМРО-ДПМНЕ очекуваат дека таква средба ќе се одржи веќе во септември, но за таква средба нема никаква најава.