Македонија 19. септември 2019. / 14:26

Владата им ја покажа вратата на новинарите од состанокот за борба против лажните вести

Владата им ја покажа вратата на новинарите од состанокот за борба против лажните вести

На денешниот состанок во Владата за борба против лажни вести, на новинарите не им беше дозволено да постават прашања, а министерот за транспарентност, Роберт Поповскиим ја покажа вратата, пренесе Слободен печат.

Владата ги испрати новинарите од конститутивниот состанок на Акциската група за координација на државните институциите за борба против дезинформации и напади на демократијата. Јавноста имаше можност да го слушне обраќањето на државната тројка, претседателот Стево Пендаровски, собранискиот спикер Талат Џафери и премиерот Зоран Заев.

Функционерите додека говореа за борба против ширење на лажни вести и манипулација на јавноста, новинарите можеа само да ги слушнат нивните ставови, но не и да постават прашање, зашто така предвидувала агендата.

– Јас ви благодарам на присуството, сега говорам за претставниците на медиумите, на новинарите. Овде го затвораме отворениот дел на денешнава дискусија и координативна седница. Ќе дадеме кратка пауза, а потоа ќе почне работниот дел којшто ќе биде затворен за јавност, ви благодарам уште еднаш. – рече министерот за транспарентност, Поповски, покажувајќи им ја вратата на новинарите.

Штом државната тројка седнала на иста маса да разговора за борба против дезинформациите, Владата сериозно сака да се избори против лажните вести, ваква беше пораката на министерот Поповски.