Македонија 05. март 2021. / 10:15

Вакцините сѐ уште ги нема, но има најавен старт на имунизација на населението овој месец

Вакцините сѐ уште ги нема, но има најавен старт на имунизација на населението овој месец

Месецов во земјава ќе пристигнат вакцините од „Фајзер“, со што според министерот за здравство Венко Филипче, ќе започне и имунизацијата на населението против коронавирусот.

Најавата за стартот на имунизацијата доаѓа во услови кога минатата недела во земјава се бележи раст на бројот на новозаразени лица со Ковид-19 за 56,4 отсто и кога капацитетот на Инфективната клиника е исполнет, поради што во функција повторно се става модуларната болница во Клиничкиот центар.

Премиерот Зоран Заев вчера изјави дека првите вакцини од „Фајзер“, според договорот со компанијата, треба да стигнат во земјава во првиот квартал од годинава, односно до крајот на март. Преку сите постојни механизми, како што рече премиерот, направено е се што е неопходно и договорени се вкупни количини до 2,5 милиони вакцини.

– Договорот од „Фајзер“ стигна, во првиот квартал, тоа значи дека до крајот од март, ќе ги добиеме првите 21.000 вакцини. Веќе имаме во вториот квартал поголеми количини. Не се работи за несериозност, заради тоа што единствена причини е недостатокот на производство во делот на количини на вакцини за која било вакцина. Тоа е проблемот. Ние сме мала земја, сакам да го осигурам и му гарантирам на нашиот народ дека како Влада, како Министерство за здравство имаме направено повеќе од тоа што е доволно, рече Заев.

Дополнително, Заев ги наброја вакцните кои се нарачани, кои треба да пристигнат преку донации од соседите и оние кои треба да стигнат преку КОВАКС механизмот, велејќи дека стигаме до 2,5 милиони.

Тој порача дека сите треба да се вакцинираат во државата, да се следат упатствата на МЗ, на Комисијата за заразни болести, на сите експерти затоа што вели, само на тој начин ќе ја совладаме пандемијата на Ковид-19.

Министерот за здравство Венко Филипче во синоќа интервју за МТВ изјави дека во текот на овој месец сигурно ќе почне имунизацијата на населението во земјава.

– Очекуваме, според најавите, една одредена количина преку Ковакс системот и ги очекуваме руските вакцини, имаме иницијална најава од денешните состаноци, дека тоа може да се случи викендов веќе в недела, но повторно ќе кажам сега имаме искуство, сите земји имаат искуство, сите се соочија со тоа, тоа што иницијално им беше ветено и укажано од компаниите едноставно не се случи, нагласи министерот Филипче.

Тој посочи дека потребно е 60-70 проценти од населението да се вакцинира за да се постигне колективен имунитет. Министерот за здравство во однос на тоа каква ќе биде ефикасноста на вакцините за новите соеви на корона вирусот, рече дека сега комапниите анализирааат и гледаат и оти нема потврда со сигурност каква ќе биде ефикасноста на вакцините за новите соеви.

Производителот „Фајзер-Бионтек“ во 2021 година на Република Македонија ќе и испорача 800.280 дози вакцини. Според договорот, испораката на вакцините ќе се одвива во четири квартали, а првата достава ќе се случи во месец март. Во договорот е наведено дека компанијата „Фајзер-Бионтек“ овој месец во нашата земја ќе испорача 21.060 дози вакцини.

Со вакцината на производителот „Фајзер-Бионтек“, која пристигна како донација од Србија, веќе неколку недели се врши имунизација на здравствените работници кои се во првата приоритетна група за вакцинација согласно Националната стратегија за ковид имунизација.

Согласно вчерашните податоци на Институтот за јавно здравје, во претходните 24 часа се регистрирани се 721 нов случај на Ковид-19, починале девет лица и се регистрирани 1.753 оздравени пациенти.