Премиерот Зоран Заев денеска најави дека утре најверојатно ќе се одржи лидерска средба за како што рече да се забрзаат процесите за подготовска на референдумот за Договорот со Грција.
„Имам информации дека шефот на опозицијата Христијан Мицкоски ќе патува веројатно од четврток попладне, денеска ќе отпочнеме консултации за свикување на лидерска средба, која што веројатно ќе се одржи во среда, односно утре попладне или навечер, за да можеме да ги убрзаме процесите, околу подготовката на Република Македонија за претстојниот референдум“, изјави премиерот за заедничката прес-конференција со Јоханес Хан.
Изборот на членови на Државната изборна комисија е блокиран, а главната пречка за партиски договор за ДИК е „пржинската влада“ на која сега инсистира ВМРО ДПМНЕ, а СДСМ се противи.
Двата услови кои ги испорача опозицијата, пред да биде комплетиран новиот состав на комисијата која ќе треба да го спроведе и референдумот за Договорот со Грција, се прво, да бидат изгласани Законот за финансирање на партиите, но и Законот за Влада во кој би се вратил моделот на „пржинска влада“ пред одржување на парламентарните избори. За власта ваквото условување е неприфатливо и ја обвинуваат опозицијата дека „бега од референдум“.
Претседателот на комисијата за избори и именувања Илија Димовски на која треба да се изберат членовите на ДИК, вели дека „изборот на составот на комисијата без согласност од сите партии ќе биде мртвороденче, зашто треба да биде потврден и од Собранието со двотретинско мнозинство“. Рокот за избор на ДИК, е веќе пробиен.
Од изборот зависи кога ќе биде закажан рефрендумот за Договорот со Грција, кој е планиран за крајот на септември или почетокот на октомври.