Македонија 03. декември 2020. / 20:47

Скопје вечерва блокирано: Се бара одговорност за отстапките кон Бугарија!

Скопје вечерва блокирано: Се бара одговорност за отстапките кон Бугарија!

Со мирен протест под мотото „Оставка на Заев, слобода на народот “ВМРО-ДПМНЕ денеска од 17 часот го блокира Скопје на три локации – пред Владата, пред Министерството за правда и пред Министерството за надворешни работи.

На протестот се обратија значајни членови на ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои членот на извршниот комитет Стефан Андоновски, претседателот на Унијата на млади сили Сергеј Попов, претседателот на градскиот комитет на Скопје Владимир Нелоски, Стевчо Јакимовски, Тони Михајловски, Рашела Мизрахи и други.

Стефан Андоновски, Член на Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ, на денешниот протест пред МНР кажа дека никогаш не ни помислувал дека некогаш ќе се протестира за еднаш изграден идентитет кој е пренесуван со децении.

– Гоце Делчев е апостолот на македонското револуционерно дело, никогаш не се борел за големо бугарските интереси за освојување на Македонија и ширење на Бугарија, тој се борел за ослободување на Македонија. Тој е апостолот на македонското движење и најголемиот Македонец и од него не смееме да отстапиме, истакна Андоновски, кој додаде дека владата на Зоран Заев влезена во неофашистичка игра и во таа игра сака да избрише се и да не прогласи за дрво без корен.

Андоновски порача дека партијата ќе мора да остане на барикадите, за, како што рече, да не ни биде криво еден ден што додека ни го менувале јазикот, идентитетот, нацијата, додека ни ја предале државата, ние сме седеле дома. Нешто што нашите и идните генерации никогаш нема да ни го простат.

Пратеничката Рашела Мизрахи, пак, изјави дека овој собир не е против ниту една соседна држава, туку е против Заев и неговата екипа кои ги распродаваат националните интереси за кои живот дале македонските херои.

-Што ли би рекле илинденците, зарем со нешто заслужија коските да им се превртуваат?И не од поробувачите, туку од оние кои во моментов ја водат државата, која токму илинденците и партизаните во завет ни ја оставија, слободна македонска држава со слободен народен јазик и вековна историја, држава на сите нејзини граѓани, истакна Мизрахи.

Тони Михајловски на протестот пред Министерство за правда во организација на ВМРО-ДПМНЕ под мотото „Оставка на Заев, слобода на народот“ порача дека сега е време сите заедно да се обединат против предавникот Зоран Заев.

– Јас сум Македонец, мојата земја е Македонија, јазикот кој го зборувам е македонски. Ова е еден од најцрните денови кои сме ги живееле, кога ни било забрането да зборуваме на македонски јазик и да се раѓаме као Македонци. Не ни веруваме дека човек може да е волку предавник и да му е толку трула душата и да може да се одроди толку од сопствениот народ. За жал таквиот е роден меѓу нас и се вика Зоран Заев, рече Михајловски.

Претседателот на Градскиот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Нелоски, во своето обраќање поцочи дека власта крои планови да ги понижи оние кои дадоа живот за Македонија:

-Додека тие кројат планови како понатаму да ги понижат они кои ги дадоа своите животи за денешна Македонија да е таква каква што е, ние ќе продолжиме да им оддаваме почит на сите оние кои се жртвуваа за нас. Ние денеска ќе им оддадеме почит на сите нив на Мирче Ацев, на Ченто, на Христијан Тодоровски Карпош, но и на помладиот Ченто, кој денеска е во зандана и им оддаваме почит на сите кои се бореа за слободна Македонија на Гоце Делчев, на Даме Груев, Питу Гули, истакна Нелоски.