Македонија 26. мај 2019. / 19:08

Почна Централниот одбор на СДСМ – функционерите со доверба во Заев

Почна Централниот одбор на СДСМ – функционерите со доверба во Заев

Централниот одбор на СДСМ заседава во проширен состав.

Покрај најтесното раководство, тука се и пратеници и министри, претставници на општинските организации, како и претставници од партиите во владината коалиција а вечерашната седница почна во седиштето на партија на Бихаќка.

Тие вечерва ќе дискутираат и носат клучни одлуки за резултатите од претседателските избори и можните кадровски смени во партиските редови, но и во извршната власт

Фросина Ташевска Ременски, потпретседател во СДСМ пред почетокот на седницата очекува да бидат продискутирани предлозите што ќе ги поднесе лидерот на партијата Зоран Заев, а одлуките да бидат донесени со консензус, пренесе МИА.

– Ние сме политичка партија која што дискутира за сите прашања низ органите на партијата и одлуките ги носиме со консензус без притоа да ги мериме низ личната перцепција. Сето она што го имам да го кажам како мој став и како моја забелешка ќе го дадам на централниот одбор. Ќе ги слушнеме одлуките и предлозите од лидерот. ќе ги дискутираме и Централниот одбор ќе носи одлуки. – изјави Ременски, која е пратеник и потпретседател во Собранието.

Пред почеток на состанокот министерот за внатрешни работи и потпретседател на партијата Оливер Спасовски рече дека очекува вечерва да донесат одлични одлуки.

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески прашан дали очекува да биде сменет од функцијата, не сакаше да даде коментар, туку рече дека има доверба во мандатарот.

Пред почетокот на седницата изјава даде и потпретседателот на партиајта и градоначалник на Скопје Петре Шилегов.

– Очекувам дека одлуките што вечерва ќе ги донесеме ќе бидат одлуки што ќе овозможат функционална организација и на партијата и на институциите, како и победа над примитивизмот, фашизмот и неписменоста што ги промовира ВМРО-ДПМНЕ во изминатите 15 години. – изјави Шилегов.