Македонија 17. ноември 2020. / 07:15

Бугарската блокада извесна, решение ќе се бара во декември

Бугарската блокада извесна, решение ќе се бара во декември

Денеска Брисел веројатно нема да одобри почеток на преговорите на Македонија со ЕУ, `но надежите се дека се уште има шанси тоа да се случи во текот на декември.

На денешниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел најверојатно нема да има позитивен исход за македонските аспирации да се започнат преговорите за членство. Решение со Бугарија ќе се бара во декември.

Веста од Берлин, ја соопшти премиерот Зоран Заев во дебатата откако ја доби наградата за човекови права на Фондацијата „Фридрих Еберт“, дополнувајќи дека разговорите со Бугарија ќе продолжат и во наредниот период, па надежта е дека до решение ќе може да се дојде уште во текот на декември.

-Веројатно нема да добиеме добри вести од Советот за општи работи во Брисел, рече вчера Заев додавајќи дека немаме алтернатива за членството во ЕУ и што и да се случи ќе продолжиме на европскиот пат.

Заев во своето обраќање не ја спомена директно бугарската блокада, но посочи дека нема намера да преговара за правото на самоопределување.

-Човековите права и правото на самоопределување на секој еден граѓанин не може да бидат предмет на дипломатски преговори и договори. Тие се потврдени и гарантирани принципи на меѓународното јавно право и придобивките од истото. Затоа, непобитен е фактот дека македонскиот јазик и македонскиот народ се реалност, порача Заев во Берлин.

Министерот за надворешни работи на Германија Хајко Мас, пак, рече дека преговорите на таа тема продолжуваат и се надева дека првата пристапна конференција ќе се случи во текот на германското претседавање со ЕУ кое завршува на крајот на годинава.

-Водиме интензивни разговори за да ја одржиме првата пристапна конференција уште оваа година за време на германското претседателство, рече Мас.

Потврда дека денска нема да се усвои преговарачката рамка пристигна и од вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров. Тој нагласи дека Владата останува посветена и да бара решение, бидејќи влогот е огромен и за нас, и за ЕУ, а и за Бугарија.

-Веројатно ќе стане збор за нашето прашање, меѓутоа со оглед на сите изјави, посебно викендов имаше мноштва изјави од Софија по ова прашање, а имајќи ги предвид и процедурите во ЕУ, нема да се носат одлуки. Нема да биде усвоена преговарачката рамка, рече Димитров.

Изминатиот период од бугарска страна пристигнаа низа изјави со кои офанзивно се најавуваше дека земјава ќе добие вето од Бугарија доколку не ги прифати барањата од источниот сосед во однос на јазикот, народот, малцинството. Софија порача дека ќе признае македонски јазик и идентитет ако Скопје признае бугарски темели на јазикот и идентитетот.

Бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева викендов изјави дека во оваа фаза  Република Бугарија не може да каже „да“ за почеток на преговори на земјава со ЕУ.

– Бугарија не вели „не“ за членството на Македонија. Бугарската надворешна политика отсекогаш била ориентирана кон поддршка на земјите од Западен Балкан за идно членство во Европската унија, но не веруваме дека моментално  тие се подготвени и ги исполнуваат условите за почеток на преговорите. Тие го исполнуваат договорот со Бугарија од 2017 година или барем не го исполнуваат во целост, изјави Захариева во програмата „Оваа сабота и недела“ на бугарската БТВ.

Опозициската коалиција „Обнова на Македонија“ вчера одржа состанок по ова прашање. Апелираа Бугарија да не ја блокира европската иднина на државата, туку да ја поддржи и да покаже вистинско пријателство меѓу граѓаните на двете држави.

-Коалицијата апелира до пријателите и сојузници од Европската Унија, европската јавност и политичари да се вложат во отворање на пристапни преговори за членство во ЕУ на Македонија и да им овозможат на македонските граѓани да ја добијат евролсоката перспектива и иднина која одамна ја заслужија по повеќедецениски дела и залагање, посочи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по состанок на Коалицијата.

Воедно од „Обнова на Македонија“ ја предупредија актуелната власт да не тргува со националните интереси.

-Власта да не ги руши темелите врз кои е изградена модерна македонска држава, а кои се создавани од генерации и да овозможи транспарентност и инклузивност на сите партнери во овој процес за изградба на национален консензус за ова прашање, во спротуивно ќе се соочи со судот на народот, историја и правда, порачаа од Коалицијата.