Македонија 02. јули 2019. / 14:44

Пендаровски планира поинтензивни контакти со Русија

Пендаровски планира поинтензивни контакти со Русија

Претседателот Стево Пендаровски денеска се сретна со рускиот амбасадор Сергеј Баздникин и најави интензивирање на соработката помеѓу двете држави.

На средбата, соопшти денеска Кабинетот на Пендаровски, биле разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу Република Северна Македонија и Руската Федерација, а биле разгледани и можностите за поинтензивни контакти на сите полиња од заеднички интерес.

Заеднички била констатирана потребата од унапредување на економските односи меѓу двете држави со оглед на фактот дека Руската Федерација е значаен економски и трговски партнер на Република Северна Македонија.

Функционери на власта неколку пати имаат изјавено дека доколку ЕУ не ни даде датум за преговори, ќе бараат алтернатива во други партнерства.

ЕУ ќе го изгуби влијанието на Западен Балкан и ќе ризикува да ги зајакне ривалите како што се Русија и Кина ако не го одобри „уверливиот случај” на Северна Македонија и не донесе одлука да започне преговори за пристапување на земјата. Ќе биде тешко да разговараат со крената глава за трајни поблиски врски меѓу Брисел и регионот, ако земјите-членки на ЕУ не успеат да ја потврдат одлуката за започнување на процесот на пристапување. – истакнува Димитров во интервју за Фајненшл Тајмс дадено на крајот на мај.