Љупчо Николовски, генералниот секретар на СДСМ, заедно со негови сопартијци како и голем дел на општински организации на владејачката СДСМ, денеска на Фејсбук најавија интензивирање на судски процеси, оставајќи ја јавноста во прашалници од каде имаат информации кои ги поседуваат само судските органи, обајви Курир.
Николовски напиша дека нема одлагање, туку забрзани процеси на СЈО.
– Нема одлагање! Туку напротив, ќе се забрзаат Титаник, Тврдина, Таргет, Транспортер, ТНТ, Титаник 2, Тортура, Тврдина 2, Насилство, Трезор, Топлик, Тендери, Тарифа, Тенк, Труст, Триста, Тотал, Траекторија, Талир, Империја, Странски Служби, Актор, Лидери, Тарифа 2, Транспортер 2, Моќник, Дизајн, Поштенска банка, Пропаганда, Империја 2, Хармонија, Базни Станици, Подарок и еден куп други. – напиша Николовски.
Редакцијата на Курир побара мислење од поранешниот јавен обвинител и правен експерт Сотир Костов. Тој вели дека несвесно со изјавата се поткопува независноста на судството, обвинителствата и судовите.
– Да, имам коментар, и тоа многу остар. Од каде му е информацијата на генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, дека нема одлагање на наведените предмети, туку напротив, ќе се забрзаат? Прашувам уште еднаш: од каде ја добил таа информација? Колку знам тој е генерален секретар на СДСМ. Значи партиски функционер на партијата на власт. Сега веќе не е државен функционер, министер, и навистина, чудна е таа негова информираност. Мене ми наликува дека тој несвесно со изјавата ја поткопува независноста на судството, обвинителствата и судовите, и на јавноста и пласира информација, што во правна држава, таа информација може да ја соопшти претседател на суд, евентуално судија кој суди повеќе од наведените предмети или пак портпарол на суд, кој соопштува потпишано соопштение од претседателот на судот. Значи, еве како функционира “реформираното судство“ на Зоран Заев. Партијата на власт, најавува темпо, интензитет и роковник (политичка хајка) за судење, а реформираните судии, после дадениот сигнал, се зафаќаат со работа, закажуваат рочишта, на кои обвинителите обвинуваат, а тие пресудуваат. – вели Костов за Курир.
Костов упатува низа забелешки до судските органи кои и покрај укажувањата на меѓународниот фактор, односно на амбасадорката на САД, Кејт Брнс и заменикот на државниот секретар на САД, Метју Палмер кои побараа брза истрага за случајот „Рекет“, тие решиле да заминат на одмор.
– Прво што ми текнува, е дека плажите ќе опустат, бидејќи како што знам, обвинителите, обични и специјални, и судиите се на одмор. Второ, што е многу по битно, е со кој морал, кредибилитет и авторитет, ќе обвинуваат обвинителите, кога едни се заглавени до гуша со аферата Рекет, а други, пак, наместо да постапеа по укажувањата на амбасадорката на САД, Кејт Брнс, или пак препораката на Метју Палмер, заменикот на државниот секретар на САД, добронамерни укажувања за темелна, сеопфатна, објективна и брза истрага за Рекет, тие си заминаа на одмор. И трето, и најосновно и најважно, во сите нормални правни држави, во вакви случаеви со индиции на корупција и замешаност во организиран криминал, на обвинители и судии, истите времено се суспендираат, се отстрануваат од работното место, и други нивни колеги ги заземаат нивните места, со цел превземаните дејствија да не бидат компромитирани во текот на судењето и по жалбена постапка. Во оваа смисла комплетно затаи Советот на обвинители на Република Македонија, Собранието на Р.М. и Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески. – вели Костов и најави дополнителни информации за нарушениот интегритет на некои обвинители на СЈО, Рускоска, Јовески и други.
Со своја реакција на својот Твитер профил се произнесе и пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски.
– Ген. секретар на владеачка партија најавува ДИНАМИКА на одржување на cyдења и пocтапки по различни предмети во СУД. Ова е уште еден дoказ дека cyдската власт е под партиска контpoла на СДСМ и дека случајот PeКЕТ е директно поврзан со СДСМ. – напиша пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски на Твитер.
Ген. секретар на владеачка партија најавува ДИНАМИКА на одржување на судења и постапки по различни предмети во СУД.
Ова е уште еден доказ дека судската власт е под партиска контрола на СДСМ и дека случајот РЕКЕТ е директно поврзан со СДСМ.
— Ilija Dimovski (@ilijadimovski) August 12, 2019
До сега нема никаква реакција ниту пак коментар од судските органи по овие скандалозни закани од Генералниот секретар на владејачката СДСМ Љупчо Николовски.