Македонија 27. јуни 2019. / 16:15

Ова е „Meltdown“, друже Заев!

Ова е „Meltdown“, друже Заев!

На три дена пред крајот на месецов може слободно да се констатира дека овој јуни се зададе убедливо најголемиот кошмар за владата и премиерот Зоран Заев. Во американската политичка терминологија за ваквите периоди се користи терминот „Political Meltdown“.

пишува: Љупчо ЗЛАТЕВ

Во овој момент не можам да смислам адекватен превод – оваа мисија и ја оставам на катедрата за политички науки на Јустинијан Први, која за промена, еве, може почне да работи нешто во својата сфера, а тоа да не е лапање на солени хонорари од кабинетите на Заев и Пендаровски – па иако тоа не ми е намера, ќе глумам енглез.

Според последните анкети на две релевантни агенции за истражување на јавното мислење, овој „Meltdown“ е емпириски потврден. На пример, запрашни колку ја одобруваат работата на Владата,  половина од испитаниците во анкетата на „М-Проспект“, односно (51.3%), одговараат негативно, додека 43.8% ја одобруваат работата.

Слична е и ситуацијата во анкетата на „ИПИС“, агенција раководена од ретко-кадарен политички научник, каде за прв пат ВМРО-ДПМНЕ влезе во предност и освен „само кај Македонците“ води вкупно на целата територија, што значи, ако утре се гласа за нов парламентарен состав 21,2 отсто од граѓаните би гласале за ВМРО-ДПМНЕ, наспроти 19,5 отсто за СДСМ.

Ова брзо топење на предноста од претседателските избори не е случајно. Овој „Meltdown“ е резултат на „црната чума“ од настани и скандали кои ја зафатија власта во многу краток период.

Се почна од нивниот двор, кога новинарот Бранко Героски (од кој патем сум ги учел основите на овој занает), го отвори скандалот за „медиумско-политички рекет“, кој го прави една провладина телевизија и нејзиниот хемафродитен сопственик. Серијалот на Геро удри во коренот и кај „квази-интелектуалната јавност“ (затоа што ние немаме интелектуална), ги разбранува работите до ниво и најголемите поддржувачи на Заев јавно да критикуваат.

Потоа, очекувано, не добивме датум за почеток на преговори со ЕУ. А власта не излажа дека сме го добиле лани за што дури имаше и прослава скапо платена со државни пари. Меркел му удри корпа на Зоки, а кутриот цел месец не може да се извади од сопствените лаги. Сега ќе чекаме да дојде октомри, а до октомври, до октомври Заевиот „Meltdown“ ќе добие уште поголеми размери.

И покрај годишните одмори, одлучивме да не ги оставиме Геро и Меркел сами во битката против власта (во која патем ни се приклучија откако претходно ја поддржаа промената на уставното име на нашата мила татковина), па и ние од „Економски Лидер“ си завршивме една работа објавувајќи аудио снимка на која се слуша како градоначалникот на Шутка, Курто Дудуш, лишува од слобода, физички тепа и психички малтретира свој сограѓанин затоа што го пцуел „на сред центар“.

Овој скандал имаше неверојатен „рич“ и многумина почнаа да шепотат дека „со бомби дојдоа, ама со бомби и ќе си одат“. Дека МВР го заташкувало случајот е факт, потврден со документи. Што и да се случи, па дури Курто и да си даде оставка, белегот од овој скандал останува.

И таман Заев помисли малку да здивне – следуваше катиљ изјавата на францускиот амбасадор Кристијан Тимоние – кој без ронка дипломатија и кажа на власта да не се занесува со барање на датум за ЕУ, додека не се справи со корупцијата, криминалот, безредието и не си ги стегне функционерите.

Нормално, Заев не би бил Заев доколку и самиот во огромна мера не придонесе во падот на својот рејтинг и рејтингот на власта па направи колосална грешка со желбата да стане Министер за финансии, која се покажа како незаконска, а попатно за истата неколку пати се пишмани.

Незадоволството на земјоделците одамна е проблем на оваа влада, сега работите се радикализираа со праските и јаболката. Како шлаг на тортата (шлагот и тортата не се земјоделски производи), на Заев му дојде оставката на Петар Атанасов од позицијата заменик-министер за образование.

Атанасов го паметам како предавач на „Академијата за Социјална Демократија“ на СДСМ, Фридрих Еберт и Прогрес, која ја завршив со највисок „Кум лауде“ успех (за разлика од Ивана Туфегџиќ). Уште од тогаш делуваше како скромен и посветен човек со големи политички и идеолошки познавања. Жал ми беше што ваков човек, со исклучително добра душа и принципи, заврши во тимот на Заев.

По оставката, неправдата е исправена, а уште повеќе ми е драго што човекот си замина со стил и жестоки обвинувања до премиерот. Сега може само со сладолед да се паркираме на нашите каучи и да гледаме како кутриот премиер тоне во Собранието, додека старите вмровски кучиња ја користат секоја прилика јавно да го черечат.

Пред крај, останува само да одговориме зошто се ова му се случи на Заев?

Одговорот е едноставен: Заев не дојде демократски на власт во Македонија, оние кои го донесоа, го донесоа за да го смени името како земјава би влегла во НАТО. Тој тоа го испорача, советниците си заминаа и не гледаат ниту една причина зошто да го остават да владее. Останува уште да ги направи отстапките со Бугарија, обаче во октомври датум њама. Потоа, може слободно да си падне од власт и ВМРО-ДПМНЕ да се врати на власт без ниту едно тешко национално прашање за решавање.

Ова е „Meltdown“, друже Заев! Ти најдобро знаеш!