Утре во Охрид премиерот Зоран Заев, заедно со лидерите на Србија и Албанија, Александар Вучиќ и Еди Рама ќе ги продолжат разговорите за т.н. „мал Шенген“, а на состанокот ќе присуствуваат и претседателот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ и министерката за економија на Црна Гора, Драгица Секулиќ.
На дневен ред ќе бидат отворени точките од состанокот во Нови Сад – укинување на бариерите за слободен проток на стока, услуги, луѓе и капитал.
Како што пренесува Танјуг, на сите улици во градот има засилено полициско присуство, а градот го надлетува и хеликоптер.
По патот од Скопје до Охрид, особено од охридскиот аеродром до хотелот каде ќе се одржат состаноците, има полицајци, кои го обезбедуваат поминување на делегациите.
По првичната трилатерална средба, лидерите на Србија, Албанија и Македонија ветија во заедничка Декларација за слободно движење на луѓе, стоки, услуги и капитал во Западен Балкан дека ќе работат на подобрување на регионалната соработка со цел зголемување на економскиот раст, привлекување инвестиции и подигнување на квалитетот на животот на граѓаните.