Македонија 26. септември 2018. / 19:58

Николоски до Димитров: Чудно е Грција да се согласила на Договорот од Преспа без да ги знае уставните амандмани

Николоски до Димитров: Чудно е Грција да се согласила на Договорот од Преспа без да ги знае уставните амандмани

Министерот за надворешни работи Никола Димитров и потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски, ги соочуваат аргументите за Договорот од Преспа, на неколку денови пред референдумот во „Топ тема“ на Телма телевизија.

И двајцата се согласија дека референдумското прашање е надпартиско.

Николоски кажа дека ВМРО-ДПМНЕ не повикува на бојкот, туку самите граѓани се против Договорот од Преспа. Тој повтори дека поголем дел од етничките Македонци се против овој договор и дека граѓаните се изманипулирани со формулацијата на референдумското прашање.

Димитров посочи дека имало агитација за бојкот од страна на ВМРО-ДПМНЕ и смета дека референдумското прашање е издржано. Тој истакна дека постојано, на сите средби со граѓаните го објаснува договорот.

Николоски обвини дека Владата во кампањата зборува за се, освен за содржината на договорот. Тој посочи дека само три проценти од граѓаните го прочитале договоорт, па владата ги манипулира и го вади само она што и одговара. Според него договорот има неколку спорни работи

„Прво со овој договор се откажуваме од веќе стекнатото: Времената спогодба и меѓународната пресуда од Хаг“, рече Николоски и дополни дека други спорни работи се промената на Уставот, со што се создава нова држава, со нов институционален идентитет.

Друга спорна точка за Николоски се уставните амандмани, кои Владата не ги објавува. За Николоски чудно е како Грција да се согласила на овој Договор, без да ги знае уставните амандмани.

Членот 7 од договорот е проблематичен, затоа што на недемократски начин, дефинираме дека Македонци има само на територијата на Македонија и јазикот се зборува само тука. Исто така член 8 е спорен, бидејќи и дава можност на Грција вечно да ни го блокира патот кон ЕУ со формирањето на комисијата, посочи Николоски.