Не велам да нема избори, ВМРО-ДПМНЕ е фаворит на истите и ќе победи убедливо, но едноставно не е време за тоа во услови кога здравјето е во прашање, вели во интервју за Фокус лидерот на партијата Христијан Мицкоски додавајќи дека во моментов има сè, само нема контрола на пандемијата и дека не може да зборува за избори, кога во моментов се уште се бројат мртвите од корона вирусот.
Мицкоски вели дека прво треба да се заштитат граѓаните, економијата да застане на нозе и потоа да се организираат избори, кои не само што треба да бидат слободни и фер, туку и да бидат кредибилни со голема излезност.
– Не планирам да ги спроведувам игрите на Зоран Заев, ова не е шоу-бизнис политика, туку политика каде што имаме одговорност за животите и судбините на луѓето. И токму водени од личните интереси, Заев им нареди на министрите да глумат нормализација. Па ќе видите шпекулации за враќање на децата во градинките, што е нон сенс, или пак, тоа што Филипче ќе излезе на прес-конференција и прво ќе соопшти колку има излекувани од корона кога лекот уште не е измислен, а ќе се согласите, не сме толку напредни Филипче да измислел некој лек што не го знаеме. Но работата е да се глуми нормалност, вели Мицкоски.
Тој појаснува дека може да се каже колку се заздравени, а не излекувани, а тоа Филипче го прави за да каже дека работите влегуваат во нормала, додека во меѓувреме ги броиме жртвите. И кога уште се бројат мртви, јас не помислувам на тема избори.