Пред седиштето на НАТО во Брисел денеска беше подигнато знамето на Македонија кое од денеска ќе се вее заедно со знамињата на останатите 29 земји членки, откако и формално земјава стана членка на НАТО.
-Сега ќе се веат 30 знамиња како симбол на нашето заедништво и солидарност. Ова е историски момент за Северна Македонија. Доаѓа после повеќе години посветеност и заложба за реформи. Во најдобриот дух на Алијансата и вистинска политичка храброст, Северна Македонија и Грција постигнаа историски компромис за проблемот со името. Договорот од Преспа го овозможи пристапот кон НАТО и придонесе за добрососедски односи и посветла иднина. Придружувањето кон НАТО е важно за Северна Македонија, за стабилноста на Западен Балкан и за меѓународниот мир и безбедност. Во времиња како овие, пријателите и сојузниците се поважни од кога било, а сега Северна Македонија ги има најдобрите пријатели и сојузници. Сите сме побезбедни и посилни заедно отколку сами. Добре дојдовте!, порача Столтенберг.
По ова со интонација на химната, на јарболот беше подигнато нашето национално знаме.
Истовремено, македонското национално знаме беше подигнато и пред Командата на сојузничките сили во Норфолк, САД.
Свечената церемонија на подигањето на македонското знаме пред седиштето на НАТО во Брисел, преку видео врска во Скопје ја следеше и претседателот на Владата на Република Северна Македонија Оливер Спасовски, по што ќе има свое кусо обраќање.