Македонија 26. април 2020. / 12:37

Јанушев: Криминал е кога се делат тендери по семејно сродство на генералниот секретар на Влада, а Шилегов ќе аминува

Јанушев: Криминал е кога се делат тендери по семејно сродство на генералниот секретар на Влада, а Шилегов ќе аминува

Веќе трет ден молчат Петре Шилегов и Коста Начевски – директорот на Дрисла, како и на кој начин ја одбрале фирмата Алпима ТИМ ДООЕЛ Струмица на Александар Пиперевалиев за милионскиот тендер за градежни машини во ЈП Дрисла, рече денеска на прес-конференција, генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев.

Со ова, додава тој, практично град Скопје и Петре Шилегов се ставени на услуга на струмичкото бизнис лоби на Заеви и во 4 очи сред криза со корона склучува договори од 12 милиони денари.

– Сопственикот на фирмата која го доби тендерот е близок до семејството Заеви и е близок со Драги Рашковски, додека пак директорот на ЈП Дрисла е прв братучед на сопругата на Драги Рашковски, вели Јанушев, додавајќи дека додека во Македонија бизниси пропаѓаат поради корона кризата, Шилегов преку Дрисла наградува со тендер од 12 милиони денари фирма блиска до Заеви.

Јанушев порача дека за ова некој мора да оговара и ќе одговара бидејќи е срамота додека граѓаните мака мачат со здравствените и економски предизвици од корона вирусот, СДСМ ја користи секоја можна прилика да намести по некој нов тендер.

-Да имаа грам морал и доблест денес веќе првите луѓе во градот Скопје и Дрисла поради тендерот во 4 очи ќе ги напишеа своите оставки, а ОЈО ќе испитуваше криминал, потенцираше Јанушев.

Тој уште една ги повика надлежните институции да го испитаа случајот, а доколку тоа не се случи, вели генералниот секретатар на ВМРО-ДПМНЕ, многу набрзо ќе има ревизија на сите вакви тендери за кои има сомнеж дека се наместени, а ги има многу.