Не ги прифаќам тие квалификации дека јас сум пречка за стабилноста на регионот. Знам кој ја води Македонија кон таа состојба, знам кој ја загрозува нејзината иднина, знам кој пречи на правото на просперитет на еден народ. Затоа, ве молам бидете умерени во вашите квалификации и не подлегнувајте на влијанието од туѓи мислења, изјави претседателот Ѓорге Иванов на прашање од новинар на бугарската агенција БГНЕС дека во последните неколку години тој носел одлуки кои доведоа до политичка криза во Македонија и сега со одлуката да не го поддржи договорот за името може да ја дестабилизира Македонија и регионот.
„Секој претседател дава заклетва кога стапува на должност и се колне во уставот. Јас се заколнав дека ќе го почитувам Уставот. Не можам да прифатам акт кој е спротивен на законите и уставот на Македонија. Тоа е личен акт, според мене, на еден премиер, кој не ги зел предвид сите последици од тој договор. Со него не се затвораат, туку се отвораат многу прашања, се создава голема неизвесност и несигурност, како за Македонија, така и за регионот“, изјави Иванов.
Одговарајќи на прашањето, Иванов ги повика медиумите да не шпекулираат.
„Никого не сум избркал од мојот кабинет, имавме средба. За првпат ми беше документ, во кој не сум вклучен. Кога го добив тој документ, нема што да зборувам на таа средба. Затоа и средбата толку кратко траеше. Зошто треба јас да го легализирам тој документ? Како што го направиле, без мое учество, така нека го завршат, без мое учество. Тоа е важен документ, зашто согласно уставот на Република Македонија, претседателот е важен за склучувањето на меѓународни договори, а претседателот беше исклучен од целиот процес. Зошто сега треба да легализирам туѓа дејност? Тоа е нивна одлука и нивна е одговорноста“, изјави Иванов.