Македонија 06. август 2019. / 09:48

Героски: Каква е поврзаноста на Заев, Шекеринска, Ременски, Кирацовски и Костадинов со „Рекет“?

Героски: Каква е поврзаноста на Заев, Шекеринска, Ременски, Кирацовски и Костадинов со „Рекет“?

Новинарот Бранко Героски објави ново истражување, насловено „Заев, Шеќеринска и Ременски го крунисаа „кралот“ Боки 13-ка, Заев мора да му ја симне круната и да го растури кралството на рекетот!“ за аферата „Рекет“ на порталот ПлусИнфо.

Героски пишува дека јасна е пораката од странство дека оваа афера мора да има завршница и потенцира дека Американците не ја штитат специјалната обвинителка Катица Јанева.

Новинарот прашува каква е поврзаноста на Заев, Шекеринска и Ременски со невладината на Боки 13 и со градежните фирми со кој е потпишан договор.

– Доаѓаме до најчувствителниот дел од приказната, до прашањето каква врска имаат овие лица со Зоран Заев, со Радмила Шеќеринска и со Фросина Ременски? И каде се тука поранешниот генерален секретар Александар Кирацовски и сегашниот портпарол Костадин Костадинов, кој е и дел од Меѓународен сојуз? Каде се тука министерот Горан Сугаревски и неколку градоначалници, сите заедно потписници на меморандуми за соработка со невладината на „кралот“, меморандуми со кои тој ги убедувал жртвите (ако воопшто станува збор за жртви), дека може да им обезбеди сѐ што им ветил, бидејќи ете соработувал со власта, на чело со премиерот Заев. – пишува Героски.

Тој вели дека голем дел од потписниците на меморандумите за соработка не знаеле за вистинските намери на Боки 13, но треба да се извинат поради спремноста да соработуваат со такво лице.

– Истото се однесува и на Кирацовски, кој најверојатно бил само лице за контакт меѓу Јовановски и клучните луѓе во Битола, верувајќи дека помага некаков корисен проект. За Костадинов, пак, мислам дека дури ни тоа не може да се каже, оти момчето ми личи на обичен манекен во ова друштво.

Е сега, Фросина Ременски сепак е нешто сосема друго. Таа и формално е член на раководството на Меѓународен сојуз. За неа велат дека заедно со Мандиќ, била „идеолог“ на програмата на невладината на Боки 13-ка, но и на програмата за пензионерски туризам. Не знам дали е тоа точно, но на настаните на Меѓународен сојуз таа е во преден план, а се истакнува и на некои неформални журки на друштвото. – пишува Героски.

Целото истражување прочитајте го ТУКА.