Премиерот Зоран Заев, според најновата анкета на „Детектор“ е најпопуларен политичар во Македонија, но сепак, неговиот рејтинг за разлика од минатата година е драстично намален.
Од 24,1 процент популарност, рејтингот на премиерот за една година се намали на 14,5 проценти, односно за 9,6 проценти. Од друга страна пак, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, од 2,9 проценти во 2018 година, за една година успеа да го зголеми рејтингот на 12,1 процент, односно за 9,2 проценти, со што се искачи на второто место по популарност.
Минатата година во април, телевизија „Телма“ го објави рејтингот на политичарите, по спроведени анкети. Во 2018 година, Заев имал рејтинг од 24,1 процент, доколку Мицкоски имал поддршка само од 2,9 проценти од анкетираните граѓани. Рејтигот на премиерот во 2017 година бил повисок за 0,7 проценти од тој во 2018. Од тука може да се заклучи дека популарноста на Заев од година во година се намалува, а на Мицкоски расте.

Во анкетата на „Детектор“ спроведена од ИПИС, разликата на Заев и Мицкоски во рејтинзите изнесува само 2,4 проценти, за разлика од минатоготишна разлика која изнесуваше 21,2 проценти.

Очигледна е и промената во поддршката за партиите. Од прва партија, СДСМ за една година стана втор избор на гласачите.

Анкетата на „Телма“ од 2018 година на прво место ја рангира СДСМ со 25,5 проценти, додека ВМРО-ДПМНЕ уживаше поддршка од 20,6 проценти. Оваа година, според анкетата на „Детектор“ ситуацијата на врвот се промени. Партија со најголема поддршка е ВМРО-ДПМНЕ, односно ужива популарност од 21,1 процент. СДСМ, пак, падна на 18,1 процент, што е за 7,4 проценти помалку.

Од сегашните резултати, ВМРО-ДПМНЕ е во предност од 3 проценти пред СДСМ. Инаку и според неодамна спроведената анкета на „Мкд.мк“, опозициската ВМРО-ДПМНЕ покажува предност. На прашањето до граѓаните за кого ќе гласаат на следните избори, мнозинството, односно 39,8 проценти би гласале за ВМРО-ДПМНЕ, а 31,2 проценти за СДСМ. Тоа е разлика од осум проценти.
