Магазин 05. март 2021. / 16:25

Поставен камен-темелникот: Започнува изградбата на новиот стадион во Штип

Поставен камен-темелникот: Започнува изградбата на новиот стадион во Штип

Новиот стадион во Штип, кој веќе од лани се најавуваше, стартува со својата изградба откако денеска беше удрен камен-темелник на првата трибина, која ќе ја изгради Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) преку хет-трик проектот за поддршка за инфраструктура од УЕФА.

Западната трибина од стадионот треба да добие модерен изглед на која ќе бидат и ВИП-ложите, застаклена кабина за коментаторски позиции, платформи за лица со посебни простории, како и технички и лекарски простории. Оваа трибина ја гради ФФМ, која во изминатиов период инвестираше во нова трибина во Шкупи, која е завршена, како и во Охрид. Втората, источна трибина, пак, треба да ја изгради општина Штип, после ланскиот договор на двете страни за модерниот стадион, на кој би можела да игра и македонската репрезентација и ќе биде по највисоките стандарди на УЕФА.

– Како претседател на Фудбалската федерација на Македонија се чувствувам и гордо и среќно што започнуваме со реализација на исклучително важен фудбалски проект. Изградбата на Градскиот стадион во Штип е еден од врвните приоритети за нас. Заедно со УЕФА и општина Штип во следниот период ќе изградиме репрезентативен стадион кои ги исполнува сите критериуми за одигрување на меѓународни клупски и репрезентативни натпревари. Како еден од нашите најголеми фудбалски центри, градот и фудбалскиот клуб Брегалница ја заслужува сета поддршка од ФФМ. Целосно ќе ја изградиме западната трибина и ќе бидеме логистика за сите други потреби околу изградбата на стадионот. Упатувам благодарност до општина Штип, фудбалскиот клуб Брегалница и Општинскиот фудбалски Сојуз за поддршката и помошта која ја даваат во реализација на проектот. Со нивна помош и поддршка од ФФМ и УЕФА, Штип наскоро ќе биде пример за успешна фудбалска приказна во државата, рече Сејдини.

Покрај Сејдини, на поставувањето на камен-темелник и почетокот на градежните активности присутни беа и штипскиот градоначалник Сашко Николов, газдата на второлигашкиот лидер Брегалница, Кирил Гогов, како и првиот човек на ОФС Штип и член на УО, Димитар Џонов.