Хроника 30. април 2020. / 14:19

По две и пол години затвор за двајцата штипјани кои брутално тепаа девојка

По две и пол години затвор за двајцата штипјани кои брутално тепаа девојка

За брутално претепување на 21- годишна девојка од Штип, П.Р.(23) и С.А.(26) добија казна затвор во траење од по две и пол години. Двајцата остануваат во затворот во Куманово, каде се во притвор, до правосилноста на пресудата.

Ова е пресудата што денеска им беше изречена во Основниот суд во Штип. На изрекувањето не присуствуваа ниту обвинетите, ниту нивниот адвокат.

Судијката Јулијана Неткова како олеснителна околност го зема фактот дека двајцата до сега не се осудувани, додека отежнително е тоа што на видео снимката, која беше јавно објавена, се гледа бруталноста со која е претепана девојката. Двајцата пред Судот го признаа делото „Насилство“.

Јавноста го виде претепувањето во влезот во станбена зграда, но нападот од двајцата почнал во куќата, каде девојката престојувала. Навредите и тепањето потоа продолжиле во влезот, што и сега осудените го потврдиле на судењето во вторникот.

Девојката иако беше присутна во  судницата, не е повикана да сведочи, бидејќи двајцата го признале делото.