До редакцијата на Економски Лидер пристигна демант од страна на Министерството за здравство во врска со веста објавена денеска на нашиот сајт: Филипче во нов скандал вреден 13 милиони евра: Ќе се централизира стерилизацијата на инструменти!
Ви го пренесуваме демантот ингегрално:
По повод Вашиот текст објавен на 12ти мај, 2019 година на линкот со наслов „Филипче во нов скандал вреден 13 милиони евра: Ќе се централизира стерилизацијата на инструменти!“, реагираме со изнесување точни и потврдени информации и бараме оваа наша реакција да биде објавена во целост.
Вашиот текст имплицира и наведува, иако во прашална форма, дека распишаниот тендер за стерилизација е неуспешен и покрај тоа што се уште не е завршен, дека е скандалозен и дека е обид да се преферира извесна фирма. Тендерот е се уште во фаза на спроведување и Министерството нема никаков увид и не смее да има врз апликантите, затоа потенцираме дека овие ваши наводи се непринципиелни и наштетуваат на доверливоста на целиот процес.
Во текстот наведувате дека сте направиле „кратка анализа“ а за спроведување на една ваква постапка и тендер, потребна е многу посеопфатна и посложена анализа. Правите пресметки коишто се произволни и произлезени од недефинирани извори за кои и не е потврдено дека ја знаат постапката и методите за спроведување на активноста и со тоа ја доведувате јавноста во заблуда и нанесувате штета на Министерството за здравство. Во текстот пишувате „една стерилизација на инструменти во моментов чини 500 денари“, што уште еднаш претставува произволна информација и доведување во заблуда на читателите, дека сумата 500 денари е доволна и опфаќа стерилизација на сите инструменти.
Како одговор на вашата „кратка анализа“ и со цел да останеме доследни на транспарентноста на Министерството кон медиумите и кон граѓаните, на ваша согласност ќе ви доставиме сериозна детално спроведена анализа, физибилити студија и заклучоци што доведоа до сегашното решение.
Со спроведувањето на овој тендер и централизацијата на стерилизација во здравствените установи ќе се постигне поголема рационализација на средствата, поголем квалитет на услугата и над се оваа одлука се базира на низа објективни факти и причини поврзани со состојбите околу комплетната изведба на хируршките интервенции во Република Северна Македонија.
Овој демант следува по нашата анализа за нвиот скандал на повидок на Министерството за здравство.
На повидок нов скандал во здравството. Министерот Венко Филипче подготвува централизација на бизнисите со стерилизацијата во здравствените установи. Се подготвува ли централниот бизнис со стерилизацијата да го преземе под своја капа, бизнисмен близок до владејачката СДСМ?
Во моментов во министерството за здравство е активен тендерот за стерилизација во здравствените установи, но она што е сега интересно тој е под нови услови, односно наместо секоја здравствена установа посебно да ангажира сервисна компанија за стерилизација, министерот Филипче објавува тендер кој ќе го добие една фирма и ќе ги опслужува сите здравствени установи во државата.
Тендерот наликува и е идентичен како и централизацијата на тендерот за реагенси вреден 35 милиони евра кој по притисокот на јавноста пропадна. Во јавноста тежи прашањето дали, со истиот метод се спрма нова слична „шема“. Актуелниот тендер за централизација на стерилизацијата кој е објавен од министерството за здравство тежи над 13 милиони евра и трае до 21 мај.
По кратката анализа која ја направи „Економски Лидер“, разговарајќи со луѓе од фелата, една стерилизација на инструменти во моментов чини 500 денари, а со новиот тендер преку централизацијата ќе чини најмалку 2500 денари, а како што велат нашите соговорници, можно е да биде и поскапо.
-Тоа значи дека трошоците на министерството за стерилизацијата ќе се зголемата за најмалку пет пати и ќе оди на трошок на министерството и Буџетот на државата. Со овој начин на функционирање терциерното здравство може да стане само привилегија на богатите, односно со зголемените трошоци “подебелиот крај” за плаќањето ќе го извлечат само обичните граѓани и пациентите. – вели нашиот извор.
Инструментите ќе се развозуваат
Теркот на централната стерилизација ќе се врши во 4 центри во државата. По приниципот за пропаднатиот тендер за реагенси и во овој тендер фирмата треба со возило да ги собира инструментите за стерилизација, да ги транспортира до центарот за стерилизација и потоа да ги враќа назад.
Ова е помалку чудна пракса за ваквиот начин на функционирање во здравството, од проста причина што провлекува низа прашања кои се суштински за здравјето на граѓаните.
Како и на кој начин новата фирма која ќе ја врши централната стерилизација и како ќе гарантира за безбедноста на здравјето на граѓаните никој не знае. Оттука се провлекува и прашањето од докторите и експертите кои ги контактиравме колку овој начин на функционирање ќе им пркоси на бактериите и инфекциите кои се потенцијална опасност за зараза и инфицирање при ваквиот начин на транспортирање на инструментите и кој ќе сноси одговорност доколку има сериозни последици кај пациентите.
Засегнатите не добиле одговори
Нашиот извор тврди дека министерот Филипче го избегнал консултативниот состанок со засегнатите компании.
-Министерот Венко Филипче пред распишувањето на тендерот без никакво образложение го избегна на само 8 часа пред почетокот консултативниот состанок минатиот месец кој беше претходно најавен, на кој требаше да се чујат мислењата од целата засегната стручна фела, здравствените експерти и докторите од министерството за здравство. – тврди изворот на Лидер.
Образложение до денес засегнатите не добија од Филипче, а тендерот веќе беше објавен и во процедура. Овој потег на министерот Филипче уште повеќе го става под сомнеж целиот процес на оваа таканаречена “реформа” која ќе оди единствено на штета на граѓаните и пациентите.
Министерот Венко Филипче најави централизација на се постоечко
Во интервјуто за Економски Лидер, објавено на 10 април годинава, министерот Венко Филипче најави дека освен реагенсите, ќе се централизираат и многу други набавки во здравството.
-Тоа ќе се спроведе како проект, не само на реагенси туку и на други скапи лекови и материјали. А тоа значи максимална контрола и увид на количините кои се на располагање, резервите, потрошувачката, а секако и најниска набавна цена. Не сакаме да бидеме заложници на нечии интереси во овој домен и мора да има контрола, бидејќи во моментов постои реална можност за злоупотреба на системот. Кога е централизиран системот, злоупотребите се невозможни, а квалитетот е загарантиран. – рече министерот Филипче во интервјуто за Лидер.