Живот 29. јули 2018. / 18:35

Вулканот во Косел ќе стане туристичка атракција

Вулканот во Косел ќе стане туристичка атракција

Изгаснатиот вулкан во Косел ќе стане вистинска туристичка атракција. Во тек е имплементација на проект насловен како „Дувало од предизвик до решение“ во изработка на Здружението за одржлив развој „Синиот” проект од Охрид, поддржан од УНДП, Министерството за животна средина, а финансиран од ЕУ.

На локалитетот ќе се прават разни истражувања за заштита и промоција со цел истиот да се најде во туристичка понуда. Ваквата идеја најмногу ги радува жителите на Косел кои се за тоа ова место да се популаризира бидејќи крие интересна приказна која може да примами голем број туристи.

„Кога би било тоа, уште подобро би било за селово, ќе се расчуе низ Европа, секаде. Нема што да се плашат, нашиот вулкан е мртво, нема да да избувне“ – изјави жител на с. Косел.

„Може туристичко место да стане. Убавина е, чиста природа е горе да се качите“ – рече жителка на селото.

Тие откриваат и дека освен за гледање, сулфатарата е извор на лековити супстанци кои пак можат да го развијат здравствениот туризам.

„Водичка ставале за да земат од калта за лек за нозете, за стапала, за рацете, исто како Дебарските бањи“ – рече жителката.

Но велат за такво нешто треба многу работа. Да се направи патот до таму, да се постават нови табли и патокази до вулканот. Кога сето тоа ќе се направи, тогаш и селото Косел ќе може да го врати сјајот од пред многу години.

Сулфатарата „Дувало“ во Косел е поствулканска појава, една од ретките од ваков вид во овој дел на Европа. Со самиот ваков карактер сулфатарата преставува природен феномен, поради што во 70-тите од страна на Собранието на Општина Охрид се стекнува со статус на природна реткост.

Има изглед на минијатурен кратер со пречник од 0,5 м. и длабочина од 30 см. и претставува последен знак на изумирање на некогашна вулканска активност во регионот.

Овој природен феномен се очекува да стане отворена училница по географија, која во иднина ќе биде посетувана од страна на бројни ентузијасти од областа на геологијата, географија, сеизмологија, заштита на природата.