Свет 30. мај 2018. / 10:02

Жителите во опасност: Штетни честички летаат низ Хаваи

Жителите во опасност: Штетни честички летаат низ Хаваи

Лавата од вулканот Килуаеа излегува со голема брзина. Затворени се автопатите, а издадено е и предупредување: Граѓани внимавајте, микроскопските стаклени честички кои ги носи ветерот се штетни за белите дробови и очите.

Агенција за заштита на граѓаните на Хаваите соопшти дека лавата со огромна брзина се доближува до автопатот 132 и ги предупреди жителите да го следат развојот на настаните преку медиумите и своите телефони.

Во вторникот вулканот повторно еруптираше исфрлувајќи пепел 4.600 метри во височина, соопшти Геолошкиот топографски институт на САД.

Откако вулканот започна да еруптира, на 3 мај, уништени се најмалку 82 куќи на југоисток во Големиот остров и околу 2.000 луѓе добија наредба за евакуација.

Досега нема жртви од ерупцијата, но медиумите пренесуваат дека еден маж претрпел скршеница на ногата, откако го погодил жежок вулкански камен со големина на чинија.

Вулканот Килуаеа, еден од најактивните вулкани на светот, влезе во четвртата недела на последователни ерупции, а лавата која истекува од пукнатините предизвика хаос на патиштата и оштети неколку десетици објекти на Големиот остров на Хаваите.

И покрај тоа што функционерите пренесуваат дека електраните се безбедни, жителите стравуваат дека би можело да дојде до големи експлозии, ако лавата дојде до геотермалната централа на која и се приближува.

Во неделата тамошните медиуми пренесоа дека Килуаеа почнува да исфрлува вулкански смог, кој би можел да предизвика здравствени проблеми помеѓу жителите на Хаваите.

Како што се соопштува, здравите и физички активни луѓе кои не се пушачи во главно можат да се изборат со поголемиот дел од основните симптоми, меѓутоа лицата со асма или други респираторни проблеми можат да завршат во болница.