Свет 23. март 2019. / 22:28

Во Мали денеска се убиени најмалку 115 сточари

Во Мали денеска се убиени најмалку 115 сточари

При напад во Мали денеска се убиени најмалку 115 сточари, членови на етничката група Фулани, соопшти локалниот градоначалник и рече дека станува збор за најсмртоносниот напад во последните години во регионот погоден од етничко и џихадистичко насилство.

Нападите врз селата Огасагуа и Велингара се случиле во текот на посетата на мисија од ОН, чија цел е да се најде решение за насилството кое минатата година однесе стотици човечки животи и се прошири на западноафриканскиот регион Сахел.

Моулај Гвиндо, градоначалник на локалниот град Банкас, изјави дека вооружени мажи, облечени во традиционална ловечка носија, го опкружиле и нападнале селото Огасагуа во 4 часот наутро по локално време.

Членовите на жандармеријата сé уште бројат мртви, а засега пронајдоа 115 тела, рече Гвиндо.

Тој додаде дека бил нападнато уште едно село на Фуланите со назив Вилангара, каде исто така е забележан голем број на жртви, но и натаму не се знае точно колку. Меѓу убиените се и бремени жени, деца и старци, објавија безбедносни извори.

Жител на селото Огасагуа изразил сомнеж дека станува збор за одмазда за напад на огранокот на Ал Каеда, во кој неодамна загинаа 23 војници, а кој пак според извештаите на групата, бил одмазда за насилството кое војската на Мали го спроведувала врз Фуланите.

Француската армија интервенираше во Мали, поранешна француска колонија, во 2013 година за да спречи навлегување на џихадисти од пустината на север, но милитантите од тогаш повторно го засилија своето присуство во централниот дел на Мали и во соседните земји.

Околу 4 до 5 илјади француски војници и натаму се стационирани во Сахел, повеќето од нив во Мали. Стотици војници во овој регион имаат и САД.

Претставници на Советот за безбедност на ОН во петокот се состанаа со претседателот на Мали, Ибрахим Бубакар и други владини претставници за да разговараат за насилството и постепената имплементација на мировниот договор од 2015 година со вооружените групи кои не се исламистички.