Научниците собраа дефинитивни докази дека на месечината има вода, откритие што сигурно ќе влијае на идните мисии на Земјиниот сателит, за кои се подготвува НАСА.
На Месечината ги нема телата со течна вода што се белег на Земјата, но научниците денеска соопштија дека лунарната вода е пошироко распространета отколку што се мислеше досега: во минералните зрна на површината има заробени молекули на вода, а уште повеќе вода можеби е скриена во ледените делови што се во постојана сенка.
NEWS: We confirmed water on the sunlit surface of the Moon for the 1st time using @SOFIAtelescope. We don’t know yet if we can use it as a resource, but learning about water on the Moon is key for our #Artemis exploration plans. Join the media telecon at https://t.co/vOGoSHt74c pic.twitter.com/7p2QopMhod
— Jim Bridenstine (@JimBridenstine) October 26, 2020
Иако истражувањата пред 11 години покажаа дека водата на месечината ја има во релативно мали количества, тим научници сега известуваат за првото дефинитивно откривање на молекули на вода на месечината. Во исто време, друг тим јавува дека 40.000 квадратни километри од површината на месечината се во постојана сенка, кои потенцијално може да кријат џебови вода во форма на мраз.
Водата е скапоцен ресурс и релативно обилното присуство на Месечината може да се покаже важно за идните астронаути и роботски мисии што ќе сакаат да собираат и да користат вода за цели како што се резерви за пиење или како состојка на гориво.
Како што објави НАСА денес, Кејси Хонибал од вселенскиот центар АСА Годар на НАСА во Мериленд и неговите колеги, со мерење на брановите должини на сончевата светлина што се рефлектираат од површината на Месечината, го потврдија хемискиот состав што недвосмислено укажува дека тоа е Х2О.
Податоците биле собрани од Стратосферната опсерваторија за инфрацрвена астрономија (Софија), модификуван „боинг 747“, кој има рефлектирачки телескоп со пречник од 2,7 метри.
Водата е откриена на географските широчини кон јужниот пол на месечината, како што тврдат научниците, во сериозни количества, што можеби ќе овозможи нејзина експлоатација за потребите на Земјата, за што ќе се знае повеќе кога НАСА ќе воспостави колонија на Месечината.
Единствениот начин оваа вода да опстои на сончевите лунарни површини каде што била забележана бил да се вгради во минералните зрна, кои ја штитат од студената и неповолна околина.
„Многу луѓе мислат дека откритието до кое дојдов е воден мраз, што не е точно. Тоа се едноставно молекули на вода – затоа што се толку распрскани што не комуницираат едни со други за да формираат воден мраз, па дури и течна вода“, рече Хонибал.
Второто истражување, исто така објавено во списанието „Природна астрономија“, се фокусира на таканаречените ладни стапици на месечината, региони на нејзината површина што се во состојба на вечен мрак, каде што температурите се под минус 163 Целзиусови степени. Тоа е доволно ладно што замрзнатата вода може да остане стабилна милијарди години.
Користејќи податоци од вселенското летало на НАСА Лунар реконасанс, истражувачите предводени од планетарниот научник Пол Хејн од Универзитетот во Колорадо, откриле десетици милијарди мали сенки, голем дел не поголеми од мала паричка. Повеќето се наоѓаат во поларните региони.
„Нашите истражувања покажуваат дека мноштво претходно непознати региони на месечината може да имаат воден мраз“, рече Хејн. „Нашите резултати сугерираат дека водата може да е многу пошироко распространета во поларните региони на месечината отколку што се сметаше претходно, што ги олеснува пристапот, собирањето и анализата“.
НАСА планира да ги врати своите астронаути на месечината, мисија предвидена како трасирање на патот за подоцнежно патување со екипаж до Марс. Достапните извори од кои ќе може да се собира вода на месечината би биле корисни за тие мисии.
„Водата не е ограничена само на поларниот регион. Таа е пораспространета отколку што мислевме дека е“, рече Хонибал.