Претседателот на САД, Доналд Трамп, потпиша указ за воведување санкции против Турција во врска со нејзината воена операција во Сирија, се наведува во соопштение на државниот секретар Мајк Помпео, a пренесе руската новинска агенција „Тасс“.
–Претседателот Трамп го потпиша указот за да ја присили Турција да ја прекине својата воена офанзива во североисточна Сирија и да се согласи на примирије. Овој извршен указ, на Министерството за финансии и на Стејт департментот им дава надлежности да ја разгледаат можноста за воведување санкции против физички лица, организации или лица поврзани со владата на Турција и учесници во активности кои создаваат опасност за граѓаните или водат до натамошно поткопување на мирот, безбедноста и стабилноста во североисточна Сирија – се наведува во соопштението објавено од Стејт департментот.
Во документот се посочува дека тројца претставници на турските власти од висок ранг од министерствата за енергетика и одбрана веднаш се ставени на списокот со санкции, во согласност со надлежностите што истовремено со потпишувањето на указот им беа дадени на министерствата.
– За да ги избегне последиците од натамошните санкции, наметнати со новиот извршен указ, Турција треба под итно да го прекине својот едностран напад во североисточна Сирија и да се врати кон дијалогот со САД во однос на безбедноста во Сирија – изјави Помпео.
Конкретно, со одлука на претседателот Трамп од синоќа за 50 отсто се зголемени таксите за увоз на челик од Турција, а тој самиот преку соопштение се закани дека веднаш ќе го прекине договорот со оваа земја вреден 100 милиајрди долари.