Американскиот претседател Доналд Трамп донесе одлука да ги укине санкциите кон Турција, воведени по турската инвазија во северна Сирија, со цел да креира „безбедносна зона“.
– Другите нека се борат околу тој крвав песок. Санкции повторно ќе бидат воведени, ако се сличи нешто со што нема да бидеме задоволни – истакна Трамп.
Трамп нагласи дека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го убедил оти ќе престанат борбите во регионот, како и дека неодамна договореното примирје ќе биде трајно.
САД воведе санкции кон Турција минатата недела како одговор на турската офанзива во североисточниот дел на Сирија, што почна на 9 октомври, против курдските борци, кои за Анкара се терористи, а беа главни сојузници на САД во борбата против Исламска држава.
Укинувањето на американските санкции уследи откако Русија и Турција пред два дена се договорија да бидат гарант на примирјето долж сириската граница, каде што се распоредени руски воени трупи. Руското Министерство за одбрана соопшти дека сириската Влада ќе постави свои војници на 15 пунктови долж границата со Турција.
Сириските и руските сили се распоредуваат во североисточна Сирија за да го надгледуваат повлекувањето на курдските борци и за да го отстранат нивното оружје долж границата со Турција.