Свет 07. јуни 2018. / 13:16

Обвинувања за вулканската трагедија во Гватемала – Службите не реагираа на време

Обвинувања за вулканската трагедија во Гватемала – Службите не реагираа на време

Опозицијата во Гватемала бара оставка од шефот на Службата за итно реагирање во случај на катастрофа, обвинувајќи го дека не биле издадени навремени предупредувања за вулканската ерупција во која досега загинаа 99 луѓе, а речиси 200 се водат за исчезнати.

Се бара одговорност од службата и спроведување на владина истрага дали имало криминална небрежност во начинот на кој властите се справија со катастрофата.

Вулканот Фуего викендов имаше уште една силна ерупција што изненади многумина и ги попречи и онака отежнатите услови за евакуација на локалното население.

Повеќе од 1,7 милиони луѓе се засегнати од вулканската активност, а над 3.000 се евакуирани.

Обвинувањата се фокусираат на едно клучно прашање: Дали била дадена јасна и навремена наредба за евакуација и доволно предупредување пред ерупцијата на Фуего во неделата?

Националниот институт за сеизмологија и вулканологија соопшти дека „совеста им е чиста“ и дека издале доволно и навремени предупредувања.

Оттаму тврдат дека ако се бара одговорност од некого, тоа е службата за итно реагирање, бидејќи не одговорила соодветно на нивните предупредувања.