Свет 30. март 2020. / 16:10

Најмалку 19 загинати во серија напади врз безбедносни сили на Авганистан

Најмалку 19 загинати во серија напади врз безбедносни сили на Авганистан

Најмалку 19 припадници на авганистанските безбедносни сили и цивили загинале во одвоени напади низ земјата.

Официјални претставници соопштија дека најмалку 13 полицајци и цивили се убиени во заседа на талибанците, а осуммина други се ранети, вклучувајќи го и шефот на обласната полиција.

Шефот на полицијата правел свадбена веселба во својот дом, кога бил информиран за нападот на талибанците врз неговите колеги, за ДПА изјавил провинцискиот советник Азам Афзали.

Тој веднаш заминал со своите колеги да го спречи нападот, но сите биле заробени, додава Афзали. Полицаецот младоженец во судирот со талибанците, што траел 2,5 часа, загубил двајца од своите браќа, а тој самиот бил ранет.

Уште најмалку шест убиени војници во друг ноќешен напад врз контролен пункт на безбедносните сили во областа Аргхандаб, во јужната провинција Забул, соопштија од Министерството за одбрана.

Во главниот град Кабул, пак, четири лица биле ранети откако нивното возило било погодено од бомба.

Насилството во Авганистан продолжува и покрај договорот меѓу САД и талибанците и плановите за разговори меѓу милитантите и авганистанската Влада.

Талибанците ја презедоа одговорноста за повеќе од 400 напади во минатиот месец.